Од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза.
Ова беше истакнато во однос на актуелната политичка состојба во земјата, на денешниот традиционален работен ручек на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија – амбасадорот на Република Полска Јацек Мултановски, на Чешката Република Мирослав Рамеш, на Словачката Република Мартин Безак и со амбасадорот на Унгарија Ласло Иштван Дукс.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции.
– Претседателот Иванов ја поздрави континуираната поддршка од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и силната поддршка за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија, стои во соопштението.
Соговорниците на средбата размениле мислења и околу можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, како и за предизвиците со кои се соочува Европската Унија и Европа и позициите на земјите од Вишеградската група во однос на клучните предизвици.
Македонскиот претседател, се наведува, се заблагодари за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорите во унапредување на односите со Република Македонија, како и за доследната помош од овие земји во справување со мигрантската криза.
Амбасадорите, пак, се посочува, ги реафирмираа заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.
На средбата било разговарано и за претстојните активности и планови за размена на посети на највисоко ниво меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, се посочува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани