| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од Иванов до новиот германски претседател Штајнмаер

stajn

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Франк Валтер Штајнмаер по повод изборот за претседател на Сојузна Република Германија, посакувајќи му успех во извршувањето на функцијата.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Длабоко сум убеден дека Вашето долгогодишно дипломатско искуство и меѓународен углед ќе резултираат со уште позајакнати односи со нашиот регион, на кој му е неопходна поддршка со цел постигнување на одржлива политичка стабилност, безбедност, економски развој, стои во честитката.

Република Македонија, посочува Иванов, ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на сите европски стандарди и критериуми, и ќе продолжи да придонесува кон добрососедсвото и регионалната соработка.

Искрено се надевам, вели Иванов во честитката, дека Сојузна Република Германија како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува нашите заложби и напори за интегрирање во Европската унија и НАТО.

– Дозволете ми, во оваа пригода и да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашите ценети претходници. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план, истакнува Иванов во честитката до новоизбраниот германски претседател Штајнмаер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top