Работнички ангажира огромно засилување за пролетниот дел од сезоната. Договор со „романтичарите“ за шестмесечна соработка денеска потпиша македонскиот репрезентативец Ванче Шиков.
– Ванче Шиков е долгогодишен репрезентативец на Македонија и неговите квалитети се несомнени. Драго ни е што успеавме да се договориме и тој во наредните шест месеци ќе го носи дресот на нашиот клуб – изјави претседателот Драган Поповски, за официјалниот сајт на клубот.
Ванче Шиков одлучи да се врати во Македонија иако имаше понуди и од неколку клубови од Казахстан.
– Постигнавме договор со Работнички и во пролетниот дел од шампионатот ќе го носам дресот на овој клуб. Мислам дека во моментов го одбрав најдоброто решение за мене. Имав неколку понуди и од Казахстан, но не сакав повторно да ми се случи непријатна епизода како во Азербејџан. За мене најважно во овој момент е да играм стандардно и токму затоа го одбрав Работнички. Верувам дека ќе помогнам клубот да ги исполни своите зацртани цели за излез во Европа – изјави Ванче Шиков.
Тој цела деценија е македонски фудбалски репрезентативец и досега има одиграни 52 натпревари за нашиот национален тим, постигнувајќи и четири гола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.