| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК виде проблем и „ќе ја следи“ состојбата на македонската граница

Откако вчера побараа време за „дополнително да проверат“ какви проблеми и создава на Република Македонија штрајкот на грчките фармери, од Европската комисија утринава осознаа дека „има нешто“ на македонско-грчката граница која деновиве е затворена за проток на луѓе и стоки.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на неформалната влада на Европската унија, Маја Коцијанчич, за разлика од својата колешка Луција Куде, која вчера на прашање на прес-конференција во Брисел рече дека „ЕК има информации од грчките и бугарските власти за проблем на нивните граници“, денеска со став дека „Брисел ја следи состојбата“ и на проблемот на јужната македонска граница.
– Ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата многу внимателно, особено во контекст на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА), посочи Коцијанчич.
Токму Спогодбата на ЕУ и Македонија, која официјално стапи во сила во 2004 година, овозможува некаков правен основ за делување и реакција на Унијата во однос на македонската држава, со оглед на тоа што Македонија не е членка на ЕУ.
Инаку, денешната реакција на Европската комисија доаѓа по вчерашниот став на нивната портпаролка Куде, дека Брисел има слушнато за проблем и блокада на грчко-бугарската граница од повеќедневниот штрајк на фармерите во Грција, но не и за блокадата на јужната македонска граница. Запрашана за коментар на проблемот што земја-членка на Европската унија и го нанесе на Македонија, со кој државата се најде на раб на нафтена криза, гласноговрничката на ЕК вчера одговори: – „Бидејќи инсистирате, само ќе истакнам дека ние имаме информации од грчките и бугарските власти за тоа дека фармери ги блокираат нив, но во однос на инциденти кои ги истакнувате, ќе мораме да провериме со колегите“, истакна вчера Луција Куде, портпаролка на Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top