Семејството Зделар од Будровац, Хрватска има необичен миленик – дива свиња која ја крстило Гико. Веќе две години вепарот е со семејството, а кога имал три месеци го однеле со нив и на годишен одмор на море.
– Го најдов во шума пред околу две години. Беше стар околу две недели и веднаш го вдомив. Мислам дека да не го земев ќе загинеше толку мал без мајка. Првите 4 месеци го хранев со витамини и млеко, раскажува Среќко Зделар.
Од ден во ден Гико станувал се поголем и изгледал се подобро, па кога дошло време семејството да оди на летен одмор, немале срца да го остават сам, па го земале со себе. Тој на море бил главна атракција затоа што на неколку пати завршувал во водата барајќи го Среќко.
– На Гико сум му како татко. Секогаш ме прати. Така беше и на море кога каде и да одев, доаѓаше со мене. Кога шетавме по плажите или во градот, немаше турист кој не застануваше за да го види. Некои луѓе со нив на одмор ги водат своите кучиња или мачки, а јас однесов вепар, смеејќи се раскажал Среќко.
Сега Гико е голем вепар и повеќе не оди на годишни одмори, но и понатаму е многу поврзан со својот сопственик со кој оди на прошетки.
– Многу ме слуша и никогаш никого не нападнал. Често му давам и да ми јаде од рака. На почетокот сливи и цреши, а потоа пченката му стана главна храна, завршува Среќко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.