Рускиот претседател денеска го потпиша законот за декриминализација на домашното насилство, по што документот веднаш беше објавен на официјалниот интернет портал за правни информации, пренесе ТАСС.
Според законот, случаите на тепање близок роднина, кога не постои рецидив, ќе се третираат како административни прекршувања, а не како кривични дела од кривичниот кодекс.
Законот содржи нова формулација на член 116 од кривичниот кодекс на Русија, што тепањето близок роднина, изведено првпат, го префрла во делот на административни правни прекршувања.
Во јуни 2016 година претепувањето без отежнувачки околности и кога стануваше збор за прво такво однесување – првпат беше окарактеризирано како административен прекршок. Но, иако било сторено по првпат, доколку претепувањето било предизвикано од хулигански, политички, идеолошки или расни побуди, вклучувајќи ги и блиските лица, извршителот беше подложен на кривична одговорност.
Овој законски текст имаше голем општествен одглас, главно заради неговата одредба да се задржи кривичната одговорност за насилство против блиски роднини, иако тоа било изведено првпат, потсетува ТАСС.
Подносителите на законот, што денеска влезе во сила, образлагаа дека не е потребно да се изедначуваат тепањата на блиски лица со тепањата од хулигански, политички, расни и други побуди.
Тие тврдеа дека со промената се брани правото на родителите строго да ги воспитуваат своите деца и се намалува државната интервенција во семејниот живот, а, исто така, дека домашните насилници, кои предизвикуваат тешки телесни повреди, се уште, подлежат на кривична одговорност.
Критичарите на декриминализацијата на домашното насилство изјавуваат дека ова е чекор назад, што ќе ги оправдува „домашните тирани“ и жртвите ќе ги обесхрабрува да поднесуваат тужби.
Согласно новата законска мерка, административната казна за претепување, извршено првпат и без оштетување на здравјето на настраданото лице, ќе води кон административен притвор на извршителот од 10 до 15 дена, казна од 5.000 до 30.000 рубљи (околу 80 – 470 евра) или задолжителна работа од 60 до 120 часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.