| четврток, 6 декември 2018 |

Водостојот на реките расте, но нема опасност од поплави

Водостоите на сите водотеци во Македонија се во тренд на покачување како последица од топењето на снегот и поинтензитивните температури на воздухот проследени со врнежи од дожд, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од Управата предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.

Според УХМР, нивото на водостојот на Вардар е зголемено на сите мерни точки во споредба со просечното ниво за февруари, а најмногу кај Скопје. Најголемо зголемување на водостојот имаат реките Треска и Црна Река, а намалување на нивото во однос на вообичаеното единствено има Црни Дрим и тоа за повеќе од  еден метар.

Нема опасност од излевање на реките, но можно е заезерување на дел од помалите реки и водотеците, иако водостојот секојдневно се покачува, тврдат од Центарот за управување со кризи.

Од таму информираат и дека единиците на локалната самоуправа се предупредени да ја следат состојбата и навреме да реагираат.

Најголемо покачување на нивото на водата во речните корита има на реките: Вардар, Радика, Треска, Сатеска, Црна Река и Брегалница, а на другите реки има благо покачување на новото на водата.

Врнежите од дожд влијаат на топење на снегот, а тоа го зголемува нивото на вода во водотеците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top