| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ ќе го замрзне правото на глас на Полска

Европската унија би можела да донесе одлука за замрзнување на правото на глас на Полска, доколку земјата не ја промени својата политика и не го почитува владеењето на правото, изјави потпретседателот на Еврокомисијата, Јурки Катаинен.

– Не можеме да правиме компромис со владеењето на правото. Тој принцип или се почитува или не. Ако не го почитувате, тогаш Европа не може да молчи – изјави Катаинен, кој е поранешен фински премиер.

Според Катаинен, полската Влада со својата политика ја води земјата кон тоталитаризам и се доближува до границите на толеранција на ЕУ.

– ЕУ може да покаже флексибилност во некои области, како фискалната политика, но почитувањето на владеењето на правото не може да биде тема на преговори – рече Катаинен.

Тој изјави дека се надева дека гермнанската канцеларка Ангела Меркел, која денеска престојува во посета на Варшава, ќе успее да ги убеди лидерот на владејачката партија Право и правда, Јарослав Качински и другите полски лидери „да ги почитуваат основните вредности на кои се изградени ЕУ и цела Европа“.

На Полска би можело да ѝ биде одземено правото на глас доколку за тоа дадат согласност сите 27 членки на ЕУ, но Унгарија, чијашто конзервативна Влада често го обвинува Брисел за мешеање во внатрешните работи на земјата, веќе најави дека ќе стави вето на евентуален ваков предлог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top