Њу Ингланд патриотс повторно се шампиони на НФЛ откако тимот предводен од неповторливиот Том Брејди славеше над Атланта фалконс (34-28) во најлудиот Супербоул во историјата на американскиот фудбал. Првпат во историјата, во 51. издание на Супербоулот, победникот беше решен со продолжение, откако „патриотите“ на чудесен начин се вратија по очајното прво полувреме.
Атланта пред крајот на полувремето имаше предност од 21-0, а на стартот од третата четвртина фалконси имаа и 28-3, но кога сите помислија дека приказната е готова на сцена стапија Брејди и големиот стратег Бил Беличек, за најголемиот пресврт во историјата нанатпреварите во Супербоул .
Атланта имаше „плус шеснаесет“ на средина од последната четвртина, но Њу Ингланд на неверојатен начин се врати, не само со два тачдауни, туку и два успешни обиди за по два поени, за израмнување на 28-28 и одведување на мечот во продолжение, прво во историјата на Супербоул.
Играчите на Атланта беа нокаутирани, а Брејди го искористи тоа за да го зададе завршниот удар, па првиот напад во дополнителниот период заврши со тачдаун за конечен триумф на „патриотите“ од Њу Ингланд.
Со тоа, Том Брејди со рекордни 466 фрлени јарди си обезбеди место во историјата како прв квотербек со пет шампионски прстени, но и прв играч со четири признанија за МВП на Супербоул, во дуелот за кој, дефинитивно, уште долго ќе се зборува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.