Поради несовесноста на градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски Циц основните од неколку училишта три дена не посетуваа настава. Имено, во услови кога температурата е континуирано под нулата, кумановските училишта „Христијан Карпош“, „Бајрам Шабани“, „Вук Караџиќ“ и “Наим Фрашери“ од понеделниот останаа без греење, поради недостаток на нафта. Општината денеска извршила набавка на нафта, но само за 3-4 дена.
Таквата неажурност од страна на локалната власт создаде револт кај родителите, а реакции има и од професорите кои бараат одговорност за ситуацијата.
–Општината требаше навреме да набави нафта. Ние доставуваме точни податоци колку нафта ни треба месечно, и по таа пресметка требало да се води сметка и за резервните количини. Овој проблем се провлекува втора недела и не можеме нормално да ја спроведуваме наставата, и поради студот учениците три дена не беа на училиште. Денес, добивме нафта, но незнам дали со таа количина ќе ги издржиме деновите до изнаоѓање конечно решение, вели еден од наставниците во основното училиште “ Христијан Карпош“.
Грижата е уште поголема кај родителите, кои велат дека децата продолжија со настава, но сепак утрово просториите се уште не биле доволно затоплени, што може повторно да го интензивира ширењето на грипот.
Инаку раководителот на секторот за образование Жика Крстевски, поставен од градоначалникот Дамјановски, во текот на вчерашниот ден призна дека четири училишта останале без греењепоради недостиг на нафта, со образложение дека на досегашниот доставувач му завршил договорот, а во меѓувреме не била завршена постапката за склучување нов. Денес пак, излезе со информација вонредно се набавени 7 тони нафта кои се доставени до училиштата.
Сепак, децата ќе треба да го надоместат пропуштеното од наставата. Поради неажурноста на општината, тие ќе треба да одржуваат часови и во неработни денови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.