| четврток, 6 декември 2018 |

Бејли не открива дали е еден од дипломатите што се против Трамп

Амбасадата на САД во Македонија со дипломатски одговор за тоа дали амбасадорот Џес Бејли го добил меморандумот за несогласување со антиимиграциската извршна уредба потпишана од претседателот Доналд Трамп. Од амбасадата нема ниту коментар за пораката на Белата куќа до дипломатите да ја следат политиката на Трамп или да си заминат, пренесува „Вест“.
Кога станува збор за антиимиграциската извршна уредба од американската амбасада велат дека таа ќе се почитува, односно посочуваат „извршната наредба на претседателот Трамп ни овозможува да се направи преглед на актуелните постапки за проверка, во насока на заштита на националната безбедност“.

Извршната уредба е официјален документ, и оттука како оваа така и сите други документи треба да ги почитуваат сите без исклучок, а тука спаѓаат и оние кои го подготвиле меморандумот за несогласување.

На прашањата каков е коментарот на амбасадорот Бејли на одлуката на Белата куќа дипломатите од кариера да ја следат политиката на претседателот Трамп или да си заминат, што во понеделникот ја соопшти на прес-конференција портпаролот на Белата куќа, Шон Спејсер,  и дали амбасадорот го добил дописот/меморандумот од таканаречениот скриен канал и што мисли во однос на тоа, Амбасадата на САД дава протоколарен одговор:

„Скриениот канал е официјален механизам што службениците на Стејт департментот со години го користат за да изразат алтернативни ставови и видувања во врска со политиките на администрацијата. Ова е важен процес кој актуелниот секретар, и целиот Стејт департмент, го ценат и го почитуваат. Тој им овозможува на службениците да изразат поинакви ставови искрено и приватно, а тие да стигнат до високото раководство“.

Извршната уредба, пак, велат од амбасадата ќе се почитува. На прашањето како амбасадорот Бејли ќе се постави во однос на антиимиграциската извршна уредба одговорот од амбасадата одговара:

„Извршната наредба на претседателот Трамп ни овозможува да се направи преглед на актуелните постапки за проверка, во насока на заштита на националната безбедност, што е наш приоритет при издавањето визи. Постапките на владата на САД за безбедносни проверки и одобрување влез во земјата постојано се ажурираат и рафинираат за да се подобри безбедноста и поефикасно да се идентификуваат поединци кои би можеле да претставуваат опасност за САД. Ние ја прифаќаме секоја можност да се продолжи ажурирањето и подобрувањето на нашите системи и процедури. Во тесна соработка со Департментот за внатрешна безбедност, ние ќе ја имплементираме извршната наредба. Ако има какви било промени што се однесуваат на луѓето кои патуваат во САД, ќе ги соопштиме веднаш штом добиеме таква информација“.

Ова следи откако американскиот претседател минатата недела ја потпиша антиимиграциската извршна уредба со која привремено се забрани влез на имигранти од седум држави (Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Сирија, Судан и Јемен), а следеше непочитување на овој документ од официјални лица во САД. Меморандумот за несогласување го потпишаа 900 дипломати на американскиот Стејт департмент како реакција на уредбата на претседателот Трамп. Во меморандумот за несогласување се предупредува дека новата политика за имиграција не само што нема да ја гарантира безбедноста на Америка, туку и ќе им наштети на напорите да се спречат терористички напади.

„Забраната нема да ја исполни назначената цел да го заштити американскиот народ од терористички напади од странци примени во САД“, стои во документот.

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спејсер, за меморандумот рече дека им кажале на федералните службеници кои го потпишале “или да се согласат со програмата или слободно може да си одат”.

Спејсер во понеделникот посочи дека “претседателот има јасна визија”.

„Претседателот јасно го кажа тоа уште во изборната кампања. Јасно го кажа тоа откако стапи на функција, дека на прво место му е безбедноста на земјата. Тој ќе имплементира работи во прилог на безбедноста на земјата… ако некој има проблем со таа агенда, тогаш тоа само доведува до прашањето дали треба да продолжат да служат на таа функција или не“, рече Спејсер.

Скриениот канал преку кој беше испратен меморандумот е механизам на службениците на Стејт департментот за приложување алтернативни ставови за надворешната политика без никаков страв од последици, јави “Си-ен-ен”.

Каналот почнал да функционира во 60-тите за време на Виетнамската војна за да се обезбеди дека високото раководство во Стејт департментот има пристап до алтернативни ставови за војната. Минатата година повеќе од 50 дипломати испратиле писма со изразено несогласување во врска со американските акции во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top