| четврток, 6 декември 2018 |

„Фајненшл тајмс“: Меланија е многу попаметна отколку што мислиме

Светот не престанува да говори за новите станари на Белата куќа Доналд и Меланија Трамп. Америка се крена на нозе да изрази незадоволство за одлуките што ги донесе новиот претседател во првите денови на чело на државата, а подеднакви критики трпат и членовите на неговото семејство меѓу кои, секако и сопругата Меланија.

Меѓутоа, додека Трамп и понатаму докажува дали е воопшто способен да ја води земјата, за Меланија се шпекулира дека не е дорасната за улогата прва дама, ниту пак дека на прав начин ќе ја претставува Белата куќа.

Сепак, Дејвид Танг, редовен колумниста на угледниот магазин „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), смета дека Меланија нема да биде лоша прва дама како што многумина мислат.

„Сигурен сум дека ќе биде добра. Секој мигрант кој почнува да работи уште како адолесцент и успешно преживува во Америка мора да биде паметен. Меланија зборува пет јазици, а повеќето луѓе, особено противниците на Трамп, не ја сметаат за паметна. Како и нејзиниот сопруг, кој несомнено работите ќе ги води поинаку во Капитол хил, Меланија ќе внесе нешто ново во Белата куќа,“ пишува Танг.

„Таа е преубава жена, на дистанца, и дури и ако имала некои пластични операции во минатото, тие веќе не ѝ требаат. Треба да почне да носи помалку облека на долниот дел на телото, и да избегнува набори и фустани со слоеви што ја прават да изгледа покрупна. Нејзината витка фигура ќе изгледа прекрсно во било која едноставна комбинација или фустан“, вели Танг, кој често одговара на прашања на читатели на различни теми.

Запрашана како се гледа себе како прва дама, госпоѓата Трамп одговорила дека сака да биде како Берти Форд или Џеки Кенеди.

„Меланија секако поседува доза на гламур и би можела да ја имитира Џеки Кенеди. И нема ништо лошо во тоа малку да се разбранува Белата куќа која претходните три децении беше исполнета со мачна буржоарска атмосфера на семејствата Буш и Клинтон или беспрекорно политички коректните Обамовци.“

„А кога веќе ја спомнуваме Џеки Кенеди, не можам а да не спомнам контра- прашање: Што би се случило да беше убиен Хрушчов а не Џон Ф. Кенеди? Одговор: Аристотел Оназис немаше да се ожени со госпоѓата Хрушчов,“ додава Танг.

извор макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top