Германскиот печат го коментираше и анализираше повлекувањето на САД од преговорите за Договорот за транспацифичкото партнерство ТПП.
Претседателот на САД Доналд Трамп со таа одлука го исполни важното предизборно ветување и многумина ги разгневи.
„Пекинг задоволно се смешка” – пишува Ноје цирхер цајтунг по повод одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп да го прекине учеството на својата земја во Договорот за транспацифичко партнерство ТПП: „Навистина од Пекинг не се слушаат триумфални изјави, но кинеските власти се свесни за шансата која ја нуди повлекувањето на Вашингтон. Тоа кинескиот претседател Си Џинпинг веќе меѓу редови го наговести на Светскиот стопански форум во Давос. Шефот на кинеската држава и Партија ги отфрли сите протекционистички размислувања и се заложи за идно отварање на пазарите”.
„Од друга страна на сите дискусии за слободната трговија, влијанието на Кина во Азија, со повлекувањето на САД од транспацифичкото партнерство и понатаму ќе се зголемува. Одлуката на Трамп е во спротивност со стратегијата на неговиот претходник Барак Обама, кој сакаше да го зголеми присуството на САД во Азија за да создаде економска и геополитичка рамнотежа на Кина. Барем во наредните четири години, таа стратегија нема да биде актуелна. Освен тоа, потегот на Трамп може да наштети на имиџот на САД во регионот. И додека расте загриженоста на азиските сојузници на Вашингтон, од кинеската превласт, Пекинг и покрај сите резерви кон протекционизмот, задоволно се смешка” – пишува швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг.
И информативниот портал NTV така ја гледа состојбата. „Промената на курсот на САД ќе ја направи Кина голема” – е наслов на анализата во која пишува дека „” „трговско-политичката порака на новиот претседател на САД е јасна: протекционизам наместо слободна трговија… Нешто на кое Трамп не сметаше е дека другите учесници би можеле да формираат сојузи и тоа во констелација која може да го зајакне неговиот најголем ривал – Кина. Претходникот на Трамп, Обама, договорот ТПП го издејствува во повеќегодишни преговори со Австралија, Брунеи, Чиле, Јапонија, Канада, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур и Виетнам”.
„Договорот требаше да стапи во сила во 2018 година. Јапонија е единствена земја која до сега не го ратификуваше. Договорот во очите на неговите поддржувачи беше голем успех. Наведените земји заедно носат 40 отсто од светскиот БДП. ТПП поедноставни многу различни стандарди на земјите-членки, а во тоа спаѓаат заштитата на животната средина, правата на вработените и заштита на одредени индустрии. Кина беше исклучена од сето тоа од самиот почеток. Партнерите на ТПП сакаа заедно да создадат рамнотежа на најголемата трговска нација во Азија. Целта беше создавање на голем заеднички пазар по примерот на ЕУ – со 800 милиони граѓани, што е двојно повеќе од што има ЕУ”.
„Со изолацијата на САД и за Европа се отвораат нови шанси во Азија. Европската комисија смета дека до 2050 година средниот слој во светот ќе се зголеми и тоа за милиони луѓе, што значи дека ќе се зголеми побарувачката за квалитетни производи од Европа. Тука пред се во фокус се земјите како што се Виетнам, Малезија или Индонезија. И Јапонија може да добие поважна улога. Кина веќе сега е најважен трговски партнер на ЕУ во Азија. Ако САД трговско-политички се повлече од тој регион, Европа може да ја пополни таа настаната празнина” – пишува NTV.
„Празнината” која ќе настане во Источна Азија ја гледа и весникот Цајт онлајн, но смета дека таа празнина „може да биде пополнета со воени бродови”. „Тоа што не се забележува е дека ТПП и така мора да помине во Конгресот на САД, а тоа нема да успее, како што тоа веќе го напиша Вашингтон пост. Голем број пратеници па и демократските, го отфрлуваат”.
„Но, сега е јасно дека остриот тон кон Пекинг од предизборната кампања на Трамп нема да биде намален. Американската администрација очигледно сака некако да се закачи со Кина. Пред се поради кинеското воено ширење во Јужнокинеското Море, каде коралните гребени и песочните острови се шират со насипување на граѓа и така на вештачките острови се основаат воени бази. Министерот за надворешни работи на Трамп, Рекс Тилерс веќе рече дека САД тоа нема да го прифата, што во краен случај значи употреба на воена сила”.
А весникот Ханделсблат посебно се занимава со Австралија која сега сака да го „спасува ТПП”. „Премиерот Малколм Тернбул рече дека неговата влада е во активни дискусии со другите земји на ТПП, меѓу кои се Нов Зеланд, Јапонија и Сингапур. Одлуката на новиот претседател на САД кој така го исполни своето предизборно ветување, според зборовите на Тернбул не е само негативна, туку нуди шанси ТПП и понатаму да се развива без САД. Тернбул верува дека сигурно постои можност Кина да пристапи на ТПП”.
„Коментаторите не се многу сигурно дека австралиското раководство ќе ги придобие граѓаните за својот концепт. Иако Австралија учествуваше во разработката на ТПП, таа земја до сега минимално профитираше од олеснетата трговија. Тоа е заклучок од една студија на Светската банка… Дури и кога би можел да биде разработен нов договор, голема можност е тој да не помине во австралискиот парламент. Според досегашниот нацрт, на австралиските претприемачи им се заканува губење на авторските права, освен тоа, странските фирми би имале право да ја тужат владата ако законите во таа држава имаат лоши последици по профитот”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст