Првиот разговор меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, мина добро на политичко и лично ниво бидејќи го покажа заемното почитување меѓу двајцата лидери и желбата за соработка, потпирајќи се на националните интереси на своите земји, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
– Разговорот меѓу Путин и Трамп во саботата беше добар, би кажал, во политичка и лична смисла. Покажа заемно почитување и желба кај двајцата лидери да комуницираат без меѓусобно држење лекции и со потпирање на националните интереси на своите земји, рече Лавров.
Според него, телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери ги покажа повеќето области во кои има совпаѓање на интересите на нивните земји, пренесе ТАСС.
Тој додаде дека допрва треба да се усогласи временската рамка за натамошните контакти меѓу претседателите на Русија и САД.
Лавров оцени дека контактите на ниво на експерти меѓу Русија и САД, првенствено во борбата против тероризмот, би требало да станат редовни веднаш штом Трамп го заврши формирањето на својот кабинет.
– Работата на експертско ниво веројатно треба да стане редовна штом сите членови на кабинетот на Трамп, кои се занимаваат со надворешни работи, ја преземат должноста – наведе Лавров.
По телефонскиот повик на американскиот претседател Доналд Трамп до рускиот претседател Владимир Путин, Белата куќа соопшти дека разговорот бил позитивен и „е почеток на подобрување на односите меѓу САД и Русија“, додека Кремљ наведе дека Путин и Трамп договориле развивање на односите на „еднакви основи“, а двете земји укажале на потребата од координирана борба против Исламска држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.