| четврток, 6 декември 2018 |

Калифорнија сака референдум за отцепување од САД

kali

Активисти во американската сојузна држава Калифорнија незадоволни од одлуките на претседателот Доналд Трамп почнаа да собираат потписи за референдум за независност од САД, јавува „Ал Џазира Балкан“. Калифорнија се наоѓа на западниот брег на САД и е најнаселена и трета по големина американска сојузна држава по Алјаска и Тексас. Граничи со сојузните држави Орегон, Невада и Аризона, а на југ со Мексико. Калифорнија е „родно место“ на филмската индустрија, на интернетот, на комјутерите и друго.

Во септември минатата година стапката на невработеност изнесувала 5,5 проценти. Економијата на Калифорнија е зависна од трговијата и меѓународните бизниси. Сојузната држава во 2008 година извезла стока во вредност од 144 милијарди долари, а речиси половината се компјутери и електрични апарати. Во Калифорнија во 2010 година живееле над 663.000 милионери, што е повеќе од која било сојузна држава.

Ако Калифорнија би била независна држава, би била шеста економија во светот и 35. држава на листата на најнаселени земји во светот. Нејзиниот  домашен бруто-производ минатата година изнесуваше 2.514 милијарди, што е највисока цифра во САД, а на планетарно ниво подобри бројки имаат само Кина, Јапонија, Германија и Велика Британија, а зад неа се Бразил, Франција, Русија, Италија, Индија, Канада, Австралија, Шпанија и Турција.

Според паритетот на куповната моќ пред Калифорнија се: САД, Кина, Индија, Јапонија, Германија, Русија, Бразил, Франција, Велика Британија и Индонезија, а зад се Италија, Мексико, Шпанија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, Канада и Турција. Повеќето од половината (58 проценти) од државната економија фокусирана е на финансиите, државната управа, пазарот на недвижности, технологијата и деловните услуги. Во Калифорнија се лоцирани седиштата на три од 20 најголеми компании во светот „Chevron“, „Apple“, и „McKesson“. Главен град на Калифорнија е Сакраменто, а најнаселен е Лос Анџелес, кој е втор во САД по населеност по Њујорк. Калифорнија пред доаѓањето на европските истражувачи во 16 и 17 век беше населена од разни индијански племиња, а потоа беше дел од Шпанското царство, како и Мексико, а дел од САД стана во 1848 година по Мексиканско­американската војна. Англискиот јазик и де факто и де јуре е официјален, но истражувањата покажуваат дека само 57,02 отсто од населението (постари од четири години) дома зборуваат англиски, а поголемиот дел од другото население зборува шпански. Речиси секој десетти жител на Калифорнија (9,8 проценти) воопшто не зборува англиски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top