Градинката се протега на површина од 1.700 метри квадратни и се наоѓа во склоп на клонот „Чекорче“ во близина на основното училиште „Ѓоргија Пулески“. Располага со шест големи занимални, простор за прием, кујна и санитарни јазли, а објектот е и енергетски ефикасен. За изградбата на градинката беа одвоени 25 милиони денари од буџетот на општината.
Новоотворените простории денеска ги посетија премиерот Емил Димитриев, министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Конески.
Според премиерот Димитриев, со пуштањето во функција на овие простории, општината значително го зголемува опфатот на деца кои се згрижени во градинките.
– Тоа е генерална политика на Владата во соработка на општините да се зголемува опфатот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките. Во изминатиот период, Владата во соработка со општините доста инвестираше во нови градинки. Од 2009 година досега отворени се 57 градинки, а само лани, нови 14 градинки со вкупен капацитет околу 1.400 места – истакна Димитриев.
Тој најави дека во следниот период треба да започне и реализацијата на проектот за изградба на нови 140 градинки за кои ќе бидат инвестирани околу 25 милиони евра.
– Тоа е еден проект којшто ќе вреди околу 25 милиони евра, а ќе почне со реализација од годинава и ќе трае во следните две до три години – рече Димитриев, додавајќи дека од 2006 година досега се забележува тренд на зголемување на опфатот на деца кои се згрижени во градинките.
Министерот Ибрахими истакна дека во следниот период ќе се посветат на изградба на еколошки и најсовремени градинки во градовите низ државата.
– Во моментот имаме вкупно 32.484 деца сместени во 64 објекти во 54 општини. Но, тука не запираме. Во следниот период ќе се посветиме на изградба на еколошки и најсовремени градинки во сите градови на Македонија за да не се случат листи за чекање како во изминатиот период, рече Ибрахими.
Градоначалникот на Аеродром за годинава најави изградба на четврта градинка во населбата Ново Лисиче.
– Очекувам со изградбата на таа градинка да бидат опфатени сите дечиња кои имаат потреба да бидат згрижени во нашата општина и да нема повеќе листи за чекање. Тоа е и нашата цел – рече Конески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Скандал во градинка: Учителка со сила брка и влече дете по под (видео)
-
Драма во градинка во Прилеп: Вработена физички нападната од сопруг на колешка
-
Родителите и негувателките дале изјави за настанот во градинката „Буба Мара“
-
Избегнат поголем инцидент во скопска градинка: Извадиле пиштол и нож спремни за пресметка