| четврток, 6 декември 2018 |

Спасени сите деца од затрупаниот хотел во Италија

Четирите деца, кои беа прогласени за исчезнати, се спасени, потврди италијанскиот Црвен крст вечерва, откако во текот на квечерината биле спасени три деца. Десетиците спасувачи, кои неуморно го пребаруваат хотелот „Ригопиано“, кој беше затрупан од снег по лавината во средата, по 48 часа од несреќата пронајдоа десет преживеани лица.

Досега се извлечени пет луѓе, од кои четири се деца, а уште пет лица кои се лоцирани чекаат безбедно да бидат извлечени.

Седумгодишно момченце и неговата мајка беа извлечени од купиштата снег рано попладнето. Спасувачките екипи се обидуваа да извлечат уште пет преживеани и трагаат за повеќе од петнаесет исчезнати.

170119-avalanch-itlay-cr-0522_01_906cc317d6110f2e4a666d844c1a8240.nbcnews-ux-600-480

Првата група од шестмина преживеани беше пронајдена претпладнето во петокот во воздушен џеб во потпокривната конструкција на малиот хотелски комплекс кој од моќта на лавината беше изместен десетина метри од својата конструкција, изјави портпаролот на противпожарната служба, Лука Кари.

Објавена е снимката на мајката и детето кои со аплауз од спасителите се пробиваат од ровот прокопан во снегот до затрупаниот хотел. Нивниот сопруг и татко, кој во моментот на несреќата се симнал до автомобилот да земе некои предмети, беше првиот кој алармираше за лавината.

dispersi-hotel-rigopiano

„Потрагата продолжува. Се надеваме дека има уште воздушни џебови“, изјави спасувачот Марко Бини.

Според процените, во моментот на несреќата во хотелот имало триесетина гости и членови на персоналот. Телата на две лица беа пронајдени во четвртокот, што значи дека има уште 12 живи.

hqdefault

Лавината е покрената по четирите силни земјотреси со магнитуди меѓу 5,1 и 5,4 степени кои во средата ја погодија централна Италија. Хотелот „Ригопиано“ е оддалечен 90 километри од епицентарот на потресите во Монтереале, селце близу Аматриче, уништен во разорниот земјотрес од август минатата 2016 година.

Веднаш беше издадено предупредување од лавини за целата област со кој доминира величествениот 2.912 метри висок Гран Сасо.

Оваа област е преполна со мали хотели и скијачки терени кои се особено популарни меѓу жителите на Рим и на урбаните центри на источниот италијански брег.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top