Роден на 8 октомври 1974 година
Овој човек несомнено ја обележа 2016 година, а лузната ќе ја носат на лицата генерации по него за никогаш да не се заборави кој го посеа предавничкото семе. Многумина доцна сфатија дека не се работи за блеф кога Заев во гради се удираше дека ќе ги менувал Уставот, името, границите, државата, но не е човек да ги обвини – матрицата на Заевци и сличните ја отвора само клучот на алчноста, заевски ген.
Годинава што одмина ќе биде запишана во историјата по рекордниот број одлагања на парламентарни избори, по топењето на фантомите, хировите на еден човек – црпнатиот од Муртино.
Да, по 11 декември јасно е како ден дека не беше пуштање вода флертот со Албанците, туку сериозна понуда за брак од интерес, но да одиме редум.
Годината започна онака како што заврши минатата – со сомнежи и уцени. На последниот ден од старата година Заев театрално влезе со шест кутии во СЈО, демек ги предава снимките. Камери, новинари и шест кутии кутии. Дека ги предал снимките, и ден-денес нема докази.
Во меѓувреме, Катица Јанева повторно го одлага „Пуч“. Овојпат не ги разгледала доказите кои на минатото рочиште не ги беше запознала. Набрзо ќе биде одложен и „Поткуп“, па започнува шпанската серија со рочиштата на Заев, која наместо да добие расплет, ќе кулминира во декемвриската епизода Дотогаш, Заев главно ќе избегнува да се појави на суд, а сесрдно ќе му помагаат и амбасадорите, освен кога нема да се договорат како што треба.
Од прв до последен здраворазумен човек во Македонија го обвини плачкото од Муртино дека ја држи во заложништво целата држава. Колку повеќе му се угодуваше толку подебели стануваа неговите црвени линии, а на крајот целиот поцрвене, заплака и извика: „Јас не играм!“, па избори не се одржаа на 24 април, а исто постапи и два месеци подоцна, па не се одржаа и изборите на 5 јуни.
Полчасовно реално шоу на деценијата го отвори февруари. Во рингот господинот Зран Заев и неприкосновениот Драган Павловиќ Латас.
– Господине Заев, кога сакавте да учествувате на локалните избори во 2013 година рековте дека списокот може да се пречисти за 15 дена, рече Латас.
– Оставете што сум рекол тогаш, реплицираше Заев, а оваа реплика е универзалната вистина и ќе се провлекува до ден-денеска.
Јакимовски знае нешто што ние не знаевме, но далеку од тоа дека не очекувавме.
–Тој истиот ваш лидер, што се вика Зоран Заев, од мене има побарано 250.000 евра – 50.000 евра за црквата, 50.000 за спортот на село, 50.000 за културата и 100.000 Ромите.
Полноќни шепкања и дупла доза адреналин: Беќир Асани му објаснува на Заев зошто повеќе не смее да излезат снимки од функционери на ДУИ во јавноста, а тој со стресени гаќи трк кај Верушевски.
Бомба од спротивниот табор му испрати претседателот Ѓорѓе Иванов. Објави дека Зоран Заев телефонски го молел да биде аболиран по настаните на 9 мај.
Мегаскандал: Заев премолча, но претседателот на албанската дијаспора Муса Љамалари прозборе: Заев отворено договара федерализација на Македонија, а во игра е промена на знамето, на името, на химната на државата и создавање на дводомен парламент, при што претседател на државата да биде Албанец по систем на ротација. И Биљал Касами од Беса го вели истото.
– Заев еднаш засекогаш сфатил една вистина дека Македонија не може да биде држава која може да создаде механизми каде Албанците ги држи далеку од институциите.
Да се одложат одложените избори или не одам на преговори. Повторно услови, а под пенџери се силуваат институции.
Ставот на СДСМ не се променил не сака да оди на избори на 5 јуни, бидејќи ќе победи, а Груевски и Ахмети нема да ги признаат изборите, изјави лидерот на СДСМ.
Во меѓувреме: Фрла боја по државните институции и сокачари со хулиганите, сопартијците од огранокот Шарена револуција.
Во првите 24 часа од поплавата во Скопско, Заев организираше насилни протести во Скопје, а парите на струмичани ги даде за Аца Лукас.
Со фотографија од трибините, прегрнат со албанско знаме и натпис „Навиваме за Македонија“ Зоки навива за Шкендија. Секако, Заев мора да нагласи дека секогаш е за успех на Македонија.
Фантоми нема – шлаканицата со која ДИК му ја затвори устата на СДСМ. Џабе се пењавеше дека нема повеќе од 1.500.000 гласачи. Избирачкиот список е идентичен со тој од 2014 година кога доживеа катастрофален пораз од 200.000 гласа разлика.
Кафе, 500 евра и лебот насушен: Во предизборјето малиот Зоки е главен актер, а сите други главно му се лутат и му замеруваат. Ги вработи Зекири, Шеќеринска и Манчевски во партијата, фина плата им даде – му се налути Нора. Ја викна на кафе, уште сеир му фаќаат за кафето.
Заев пристигнува во Прилеп: Во македонска средина ќе се осмели да ја промовира предавничката идеја за двојазичност и утопистичката идеја за живот во Македонија – 200 евра минималец и 500 евра просечна.
Повторно му се лути. Не му ги бендисаа пратеничките листи, а и чика Драгиша не му го простија.
Каран – смирен замина за Берн, па ветуваше брда и долини, му поверуваа и му платија за екстра услуга.
– Ако на вака значајни избори се случи негативен резултат, тогаш ми завршува политичката кариера, рече Заев само неколку часа пред да биде поразен. Финансиерите му чукаат на врата, а откако падна и во Теарце, велат бил виден во амбасадите. Народот во Македонија сѐ уште го чека да му честита победа.
Текстот е објавен во рубриката „Линост на годината“ во новогодишниот број на неделникот „Република“, 226, кој излезе од печат на 30 декември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.