„Божикната честитка“ од албанските партии упатена до Македонците, во која отворено го уценуваат мнозинството и индиректно навестуваат војна, можеби е со потписите на Ахмети, Касами и на Села, но јасно се гледа дека го има ракописот на истиот оној кој во текот на двегодишната политичка криза и за време на изборната кампања му ги пишуваше говорите на Зоран Заев, a во кои лидерот на СДСМ ветуваше редефинирање на државата, двојазичност, менување на Уставот… Затоа, да не се правиме наивни и недоветни дека сме шокирани од односот на Еди Рама, кој, патем, не е ништо друго освен уште една марионета која се крие под истиот чадор што го штити и Заев. Уште помалку затекнати треба да бидеме од ставовите и од барањата на политичките претставници на албанското малцинство, кои, пак, многу пати досега јасно се изјасниле дека беспоговорно ги следат упатствата од Калето. Патем, сето тоа што го бараат лидерите на албанските партии во платформата веќе го вети лидерот на СДСМ и тоа уште за време на случувањата во Диво Насеље. Впрочем, Заев тогаш ја презеде улогата на Мирсад Ндрецај и Бег Ризај кои, според адвокатот на уапсените терористи, оттаму требало да ги испорачаат овие барања за да се изврши редефинирање на државата.
Затоа може да сме длабоко навредени поради нарушениот мир и спокој за време на одбележувањето на најголемиот христијански празник, Христовото раѓање, но не треба да бидеме изненадени од стилот на дејствување на големиот сценарист на кризата кој испраќа „пораки“ на големи верски празници за да го засили гневот кај Македонците кон Албанците (нешто слично како велигденскиот масакр кај Смиљковско Езеро).
Да, точно е дека ДУИ, Беса и Алијансата ќе сакаат да извлечат максимална политичка корист од ситуацијата на штета на Македонците. Сепак, за платформата што се роди во Тирана не треба да ги обвиниме само Ахмети, Касами и Села, вклучувајќи го и Рама, туку лично Зоран Заев, кој многу порано им го подметна кукавичкото јајце.
Токму затоа ставовите на Соросовите платеници, кои изминатите денови изразуваат некаква вознемиреност и шокираност од барањата на лидерите на албанските партии, не се ништо друго туку само безобразни обиди да се одглуми некакво оградување од планот за поделба на државата, за што и тие самите имаат голема одговорност од која не можат да се извлечат. Повеќе од лицемерно е сега да глумат вчудовиденост од ставовите на Ахмети, Касами и Села истите платеници што до вчера ги промовираа и ги бранеа тезите на Заев за редефинирање на државата и во исто време ги напаѓаа и навредуваа сите останати што предупредуваа дека овој човек ја води државата кон распад и ја турка кон нов конфликт. Со оглед на тоа дека барањата од платформата многу лесно можат да останат мртви букви на хартија ако партиите од македонскиот блок јасно и гласно ги отфрлат (што го направи ВМРО-ДПМНЕ), многу покорисно би било да го повикаат Заев јавно да се произнесе по овие прашања! Така и Македонците и Албанците ќе чујат дали СДСМ, доколку добие шанса да формира влада, ќе спроведува граѓански или големоалбански концепт? Дали на Албанците од Арачиново, Заев ќе треба да им испорача канализација или федерализација?
Искрено, од овие безрбетни суштества не очекувам потег или гест во корист на државата. Напротив, во периодот што следува СДСМ ќе продолжи да ги продава националните интереси во голата борба за власт, а Соросовите платеници ќе продолжат со антидржавната кампања за да ги оправдаат милионите долари што и годинава ќе ги добијат за уривање на поредокот.
Мора да се нагласи дека сето тоа што го живееме денес немаше да ни се случува ако ВМРО освоеше 62 пратеници, но, за жал, голем дел од Македонците не ја сфатија сериозно опасноста од неодговорните настапи на Заев и недоволно го казнија неговото јавно лицитирање со националните интереси. Но, народот вели, секое зло за добро. Така, и овој пат ако треба да најдеме нешто добро во целиот хаос, тоа е што дури и најголемите скептици се уверија дека кризата воопшто немаше цел да ги подобри демократијата и начинот на нејзиното практикување, туку, напротив, да го уништи целиот систем, што практично ќе значи распад на државата во формат и во граници во кои ја имаме денес.
Сепак, штетата што ја предизвика Заев врз државата и националните интереси во голата борба за власт, на што предупредувавме со месеци, до прва ќе ја плаќаме сите – и Македонците, но и Турците, Србите, Ромите, Властите… Па, и голем дел од Албанците. Сите оние што бараат нови работни места, а не нови делби на државата. Оние што сонуваат за поголем животен стандард, а не за Голема Албанија. Оние што сакаат странски инвестиции, а не странски интервенции…
Прашањето е колкава ќе биде цената?
Мандатарот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски јасно се изјасни дека барањата од платформата се неприфатливи. Најави дека ќе испрати понуда до ДУИ, но и дека нема да формира влада по секоја цена. Доколку преговорите со ДУИ пропаднат поради непопустливоста на Ахмети, државата ќе продолжи да тоне во криза, ќе се задржи тенденцијата на затегнување на етничките односи, а тоа ќе има дополнителен негативен ефект врз економијата и врз животниот стандард на граѓаните. Штета ќе имаат и граѓаните, и партиите, и домашните бизнисмени, и странските инвеститори… Сите, освен платениците на Сорос, кои во најлош случај ќе добијат уште 5-6 нови милиони долари за продолжување на борбата за киднапирање на целата држава.
Од друга страна, во ДУИ се свесни дека иако го имаат клучот за новата влада, не можат да го искористат за реализирање на нивните максималистички барања. Од едноставна причина што не можат да обезбедат двотретинско мнозинство без согласност од ВМРО-ДПМНЕ. Единствено што можат да направат е сами да ги поништат досегашните непишани правила за формирање влада кои патем беа измислени за нивна потреба од странците во 2008 година. Тоа дополнително ќе им се удри од глава во првата следна пригода кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност сама да формира влада.
Коалицијата со СДСМ нема да му донесе ништо добро на Ахмети освен што дополнително може да му ја ослаби позицијата пред албанскиот електорат поради неисполнетите ветувања. Дури и да успее да реализира некое од барањата, заслугите ќе одат на контото на Заев затоа што тој прв ги отвори овие прашања пред албанскиот електорат.
Со оглед на фактот дека ваква изборна лакрдија и изборен инженеринг во организација на вистинскиот пишувач на платформата на албанските партии веќе никогаш нема да може да се повтори од низа причини (финансиски, логистички, надворешно-политички), на СДСМ му останува да продолжи да тажи по неуспешниот обид за враќање на власт со кражба на народната волја и да се подготвува за нови избори, кои може да станат реалност ако Ахмети не се дистанцира од уценувачките барања на креаторот на црното сценарио во следните дваесетина дена.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.