| четврток, 6 декември 2018 |

Во февруари се очекува пикот на грипот

Оваа година, во однос на лани, бележиме поголем број пациенти со респираторни симптоми. Во овој период, некарактеристично за ова време од годината, имаме и цревни вирози. Тоа е поврзано со стилот на живот. Затоа постојано ги повторуваме препораките. Превенцијата е клуч на јавното здравје. Значи одржување на личната хигиена, соодветна облека, на бремени жени и на хронично болни не им се препорачува престој надвор на студено време, вели д-р Баевска - Вучковиќ

Вирози, грип и грипозни инфекции се најчести за овој период од годината. Според лекарите, во февруари се очекува пикот на грипот. Амбулантите се преполни, а матичните лекари дневно имаат меѓу 50 и 70 пациенти.

– Превенцијата е клуч на јавното здравје. Тоа подразбира одржување на личната хигиена, носење соодветна облека, на бремени жени и хронично болни не им се препорачува престој надвор на студено време. Да се пијат топли напитоци, да се избегнуваат газирани сокови и алкохол. Важен е и сонот како дополнителна храна на организмот – вели во интервју за „Република“ специјалист д-р Татјана Баевска – Вучковиќ, директорка на ЈЗУ Здравствен дом „Скопје“.

Што велат Вашите податоци, за разлика од лани, дали е зголемен бројот на пациенти што имаат проблеми со респираторниот систем?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Се наоѓаме во период од годината кога доминираат и се присутни респираторни инфекции. Секако, тие се поврзани и со студеното време, кое оди во прилог на јавување на повеќе респираторни симптоми на секој поединец. Студениот воздух предизвикува сензитивност на респираторната слузница. Дополнително, тука се и респираторните вирози, грип и грипозните состојби. Оваа состојба е од ноември и се чувстува преку службите на Здравствен дом „Скопје“ каде што се обраќаат граѓаните како наши корисници. Посебно во овој период, кога е период на дружби, каде што, на едноставен начин, директно се пренесуваат овие инфекции. Токму во таа насока ние како здравствени лица секогаш апелираме да се почитуваат препораките, да се избегнуваат тие блиски контакти, да се одржува личната хигиена, да се зема доволна количина течности, да се проветруваат просториите. Децата во градинките поради студеното време се малку на воздух, повеќе се затворени во колектив каде што малку се проветрува. Сето тоа придонесува овие респираторни инфекции да се прошируваат. Кога еден член во семејството има респираторен ефект, тоа се пренесува на сите други. Ова посебно се случува кај децата бидејќи кај нив многу малку може да ја одржувате личната хигиена. Апелот е до родителите да ги воспитуваат децата да ја одржуваат личната хигиена. Токму затоа се создава состојба на зголемен број респираторни инфекции. Во овој период и хронично болните имаат основа полесно да развијат респираторни инфекции. Се случува преку службите на итната медицинска помош да добиваме повици од хронично болните, каде што има егзерцебација на хорничното заболување, меѓутоа и нови инфекции. Тоа, главно, се потешки клинички форми на респираторниот систем, пневмонии, висока температура каде што има ограничено внесување течности преку уста и е потребна интравенска рехидратација. Пациентите се јавуваат во дежурните пунктови, посебно во период на викенд, кога матичните лекари не работат. Најчесто доминираат респираторните вирози, зголемена температура, кашлица, зголемен крвен притисок. Во овој период доминира патологијата на респираторните заболувања, кардиоваскуларните, покачениот крвен притисок, астма.

dr-tatjana-baevska-vuckovik-3-custom-2

Новата служба „Ало докторе“ во овој период интензивно се користи и тоа на ниво на целата република, вели д-р Баевска-Вучковиќ

Дали е зголемена активноста на службите што се во рамки на Здравствен дом „Скопје“ во овој период?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Здравствен дом „Скопје“ покрива 24-часовна здравствена заштита за граѓаните на Скопје и на околните населени места на ниво на превентивна здравствена заштита, итна медицинска служба со домашно лекување и дежурните пунктови и специјалистичките кабинети. Во овој период чекалниците се преполни. Според информациите, матичните лекари дневно имаат меѓу 50 и 70 пациенти. Службата за итна медицинска помош е на терен, службата за домашно лекување, дежурните пунктови и новата служба „Ало докторе“, која во овој период интензивно се користи и тоа на ниво на целата република. За една недела имаме 1.800 јавувања. Главно, се јавуваат за главоболка, покачен притисок, кашлица, зголемена температура. Во овој период сите служби се со поголем обем на работа. Доминираат респираторните и кардиоваскуларните заболувања.

Кога се очекува врв на грипот?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Вообичаено, февруари е месецот кога се очекува врв на грипот, кога децата ќе тргнат во второто полугодие во училиште. Меѓутоа, оваа година, во однос на лани, бележиме поголем број пациенти со респираторни симптоми. Во овој период, некарактеристично за ова време од годината, имаме и цревни вирози. Тоа е поврзано со стилот на живот. Затоа постојано ги повторуваме препораките. Превенцијата е клуч на јавното здравје. Значи одржување на личната хигиена, соодветна облека, на бремени жени и на хронично болни не им се препорачува престој надвор на студено време. Да се пијат топли напитоци, да се избегнуваат газирани сокови и алкохол. Важен е и сонот како дополнителна храна на организмот.

Дали пациентите ги почитуваат овие препораки?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Во однос на летните месеци имаме многу позитивно искуство. Од летото 2012 година почнавме со превентивни активности за заштита од висока температура и од топлотни бранови и, навистина, допревме до граѓаните. Колапсите ни се сведоа на минимум. Во однос на децата, од лани кога се воведе пневмококната вакцина, која има добар одѕив кај родителите, спречуваме едно заразно заболување од бактериска инфекција, која може да даде и потешки клинички слики кај помалите деца. Во овој период се чувстува дека помалку се присутни пневмококните инфекции. Меѓутоа, потребно е време да се постигне поголема заштита. Се надевам дека од следната година ќе се направи напор оваа вакцина да биде вклучена во редовниот календар за имунизација. За граѓаните беше обезбедена и вакцината против сезонски грип. Системот се труди на секој начин да им помогне на граѓаните, посебно на тие што се ранливи категории.

dr-tatjana-baevska-vuckovik-4-custom-custom

Пораснатиот број респираторни инфекции доаѓа од начинот и од стилот на живеење

Дали загадениот воздух може да го наречеме уште и тивок убиец?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Живееме во урбана средина. Загадувањето е посебно изразено во Скопје бидејќи, главно, тука е сѐ концентрирано. Познати се предизвикувачите на загадувањето. Треба да проработи и свесноста на луѓето. Во Европа повеќе се користи јавниот превоз, отколку возилата. Се како дека загадениот воздух влијае на респираторната симптоматологија. Секој со личен придонес, но и системски, да се намали загадувањето.

Како да се намалат болестите на респираторниот систем? Како се доведовме во ситуација секое второ дете да биде болно, односно да има проблем со респиратониот систем?

БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Пораснатиот број респираторни инфекции доаѓа од начинот и од стилот на живеење. Јасно е дека не може секој родител да си дозволи детето да не оди во градника и да биде во домашни услови и при најблаги симптоми. Но, за жал, кај нас не се почитува тоа. Кога во една група во градинка неколку деца имаат изразена респираторна симптоматологија, и другите деца се изложени и ризикуваат да се разболат. Малите деца немаат навика за одржување лична хигиена. Сето тоа дава услови тие инфекции да се прошират. И за болното дете е многу подобро неколку дена да биде во домашни услови. Така ќе се избегне и употребата на антибиотици. Симптоматската терапија и домашните услови помагаат да се надмине таа состојба, а на тој начин се заштитуваат и здравите деца да не се разболат.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: Александар Ивановски

(интервјуто е објавено во 227. број на Неделник Република, кој излезе во печат на 4.01.2017 година)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top