Снежното невреме и силниот ветер предизвикаа во петокот во Србија сообраќајни несреќи со повеќе десетици повредени и застои на автопатот Ниш – Белград, додека на Пештерската висорамнина се блокирани околу десет илјади луѓе.
Најтешка е ситуацијата на југот, југоистокот и делумно на југозападот од Србија, каде што снежните врнежи се проследени со силен ветер.
Министерката за сообраќај и градежништво Зорана Михајловиќ најави дека патничкиот и товарниот сообраќај од Ниш до Лесковац ќе биде целосно запрен по многубројните судири и застои предизвикани од снегот и силниот ветер.
Во два верижни судара на автопатот кај Ниш повредени се 25 луѓе, меѓу кои најмалку шест се деца, а големи застои во сообраќајот настанаа поради силниот ветер што предизвикува високи наноси од снег.
Во првиот верижен судар кај Ниш учествувале 27 возила, а во вториот се повредени тројца државјани на Бугарија.
Сите села на Пештерската висорамнина, каде што живеат околу 10.000 луѓе, од петокот утрото се во снежна блокада. Најголеми проблеми предизвикува виулицата која создава наноси од снег високи и до четири метри. Многу села во овој сточарски крај поради снегот и солниот мраз останале без вода, па загрозени се повеќе илјади говеда и овци, јавува Радио-телевизија Србија.
Министерството за внатрешни работи ја ангажираше специјалната единица, а секторот за вонредни ситуации при министерството за внатрешни работи интервенирало на југот од Србија најмалку дваесет пати, евакуирајќи од автомобили завеани во снегот 22 лица.
Полицијата и Авто-мото сојузот на Србија апелираат, и покрај божикните празници, на пат да не се тргнува без неодложна потреба, со задолжителна зимска опрема и многу внимателно возење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.