| четврток, 6 декември 2018 |

Прoмена на календарот е можна само со одлука на вселенскиот собор

Православната црква служи според Јулијанскиот календар, кој е донесен на вселенски собор, а преминувањето кон Грегоријанскиот календар е можно само со одлука на вселенскиот собор, вели г. Петар митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски во Божикното интервју за МИА.

Тој појаснува дека Јулијанскиот календар денес го применуваат најбројната, руската црква, која според бројноста го има најголемото мнозинство во православниот свет, потоа српската, македонската црква, а некои цркви за да не се случуваат поделби во народот, вели, ги применуваат и двата календара. Такви се, наведува владиката Петар, примерите во романската црква, бугарската и црквата во Полска. Во овој контекст притоа како важен го посочува настанот од 1925 година што се случил во Ерусалимската црква.

– Една од црквите, а тоа е најстарата, Ерусалимската црква која во 1925 година го промени календарот, во истата година по прифаќањето на новиот календар им се случи најнеочекуваното – не излезе благодетниот оган во гробот Христов, кој без свеќи влегува за да ги запали свеќите како што тоа вообичаено се случувало. Едноставно со новиот календар не се запалија свеќите и тие веднаш сфатија дека причината за тоа е смената на календарот, и дека токму затоа Господ не им го испратил благодетниот оган. Веднаш потоа Ерусалимската црква се откажа од смената на календарот, и оттогаш, и денес, повторно го применува Јулијанскиот календар. Тоа е најголемиот доказ дека календарот не треба да се менува се додека тоа не се случи на вселенски собор кога тоа сите ќе го направат, вели митрополитот г. Петар запрашан за можноста нашата црква да го прифати славењето на празниците според новиот Грегоријански календар.

Тој, воедно, додава дека менувањето на календарот, може да биде повод и причина за нова поделба на нашата црква, на нашата вера и на нашиот народ.

– Тоа не смее да се случи, освен ако тоа не е одлука која ќе важи за целата планета, дециден е митрополит г. Петар.

Во пресрет на Бадник и Рождестовото Христово – Божик, владиката со порака до православните верници да се придржуваат кон нивно празнување согласно црковните обреди, и да се избегнуваат обичаите со елементи на паганство.

– Ние сме против тоа што некои нешто неконтролирано прават во врска со извесни обреди. На пример, огновите мора да бидат оцрковени, мора да им дадеме верски, црковен белег и согласно учењето на црквата. Огнот треба да се разбере како домашно огниште околу кое се собира семејството. Што е Бадник!? Тоа е бдеење. Што е бдеење!? Тоа е очекување за нешто да се случи. Што очекуваме на Бадник? Го очекуваме раѓањето на богомладенецот. Во таква ситуација треба да се подготвиме за тој настан, а тоа ќе го направиме со пеење на црковни песни. Многу добар е примерот во Битола кога децата со импровизирана пештера во рака и иконата на Христа богомладенецот посетуваат разни домови и пејат за рождеството христово, тропарот на раѓањето, што значи станува збор за целосно црковен обред и ние се застапуваме за тоа, а не за тоа да се јаде месо, да се пие ракија итн. На огновите треба да има костени, да се послужува чај бидејќи тоа е строг пост и треба да се јадат јаболка и круши, и да не се пејат неморални песни, порачува во Божикното интервју за МИА г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско новозеландски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top