| четврток, 6 декември 2018 |

194 ИМП, 195 ЦУК и 3139578 Црвен крст – на овие броеви јавете се ако ви е потребна помош во претстојниот студен бран

Доколку граѓаните имаат било каков проблем за време на најавениот студен бран кој се очекува од утре и за време на викендот и имаат потреба од медицинска или друга помош може да се јават на следните броеви: 194 ИМП, 195 Центар за управување со кризи и 3139578 на Црвен крст.

По најавите на УХМР дека во следниот период почнувајќи од петок па до понеделник Р. Македонија ќе биде во жолта фаза со температури под нулта, снежни покривки и леден дожд со препораки денеска се јави и Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство.

-На комисијата заклучивме веднаш да се известат сите здравствени установи, да имаат доволно кадар, лекови, санитетски материјал и сместувачки капацитети за евентуалено зголемен број на лица со штетни последни заради лошото време. Известени се и екипите на Итна медицинска помош низ целата држава да бидат доекипирани со повеќе екипи, возила, лекови, санитетски материјал. Известени се и центрите за Јавно здравје да направат кризни штабови со подрачните единици на ЦУК, Цревен крст, болниците , здравствените домови и да преземат мерки на своето подрачје, истакна Јованка Костовска државен советник во Министерство за здравство.

Донесен е и заклучок патронажната служба во соработка со службите од МТСП , Црвен крст да ги посетат сите лица кои што живеат сами дури не започнал студениот бран и да им достават, храна, лекови, огрев. Ќе бидат лоцирани и сите бездомници кои ќе бидат сместени во кризните штабови.

Комисијата за превенција од штетни ефекти упати совети и до населението доколку немаат потреба додека траат поларните температури да не излегуваат од дома или доколку мораат тоа да го прават за краток временски интервал и од 11 до 16 часот. За да се спречат скршеници да се внимава на обувките кои се носат, а хронично болните навреме да си обезбедат терапија.

Костовска посочи дека во жолта фаза не е забрането работа на отворено, но упати предупредување до работодавците да внимаваат работата да биде во потоплиот период од денот, да не биде наутро и касно навечер. Работниците да бидат топло облечено и да прават паузи на секои 2 часа во топли простории со топли напитоци.

Бремените жени и хронично болните лица над 60 години ќе бидат ослободени од работа само доколку температурите достигнат до минус 20 степени под нулата.

Населението да биде подготвено и да се избегнуваат патувања низ државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top