| четврток, 6 декември 2018 |

Пукање во празно – дали Дачиќ гаѓа со ќор-фишеци?

dacic

„Пукање во празно“ би можеле да се наречат „заканите“ на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, на сметка на соседните држави, Црна Гора и Македонија, коментира денеска српскиот весник „Блиц“.

Дачиќ во новогодишното интервју за „Бета“ наведува дека Србија игра конструктивна улога во решавањето на проблемите во регионот и дека не станува збор за некаква одмазда, но истакнува дека одвај чека „во меѓународните организации да се појави некој став кој е важен за Македонија и за Црна Гора, па да види како Србија ќе се постави“.

-Главна причина за ваквите ставови на Дачиќ, кои отскокнуваат од политиката на владата на Србија за Косово, е тоа што двете соседски земји го признале Косово, што не се случи така неодамна, но и поради неодамнешната поддршка на Косово во УНЕСКО, која и не е некоја посебна новина – оценува „Блиц“.

За заканувачките сигнали за реципроцитет кои Дачиќ ги испрати до Скопје и до Подгорица, српските експерти кои ги контактирал „Блиц“ велат дека е мала е веројатноста тие да бидат реализирани.

– Србија е членка на Генералното собрание на Обединетите нации, но не и на Советот за безбедност на ОН, така што не знам како би можела тоа сериозно да го направи. Можеби во Советот за безбедност можеме да лобираме кај големите сили, но секое вето чини многу. Ние не сме членки на ЕУ ниту, пак, имаме големи влијание и сила, така што не е баш најјасно на што министерот мислел. Точно е дека имаме добри односи со Германија, но не верувам дека тие ќе застанат на наша страна кога станува збор за вакви работи – вели директорот на српскиот Центар за регионализам, Александар Попов, додавајќи дека е погрешна е политиката и ставот „да им вратиме мило за драго“ и да се покажуваат мускули кон најслабите.

Тој вели дека ниту Црна Гора, ниту Македонија не биле воодушевени што го признале Косово, но за тоа имале внатрешни и надворешни притисоци.

Со сличен став е и научниот соработник при српскиот Институт за современа историја, Милан Гулиќ, кој смета дека признавањето на Косово, како и поддршката за членство во УНЕСКО не била самостојна одлука на двете земји, туку „со совети однадвор“.

Гулиќ вели дека не може да оцени дали изјавата на Дачиќ претставува личен став или, пак, е плански осмислена. На прашањето дали шефот на српската дипломатија говорел со дипломатски јазик за односите со соседите, Гулиќ вели дека многу работи на балканските простори не звучат како дипломатски речник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top