18-годишната Лијан Насер, тинејџерка од Израел, трагично настрадала во терористичкиот напад во Истанбул, на своето прво патување надвор од државата.
Таа ги молела родителите да ѝ дозволат да отпатува во Истанбул. Нејзините пријатели решиле да ја прослават Новата година во овој турски град, па Лијан сакала да оди со нив.
Нејзиниот татко ѝ забранил да патува, бил загрижен, бидејќи Истанбул не е безбеден град. Очајна, девојката ѝ се обратила на својата тетка, Лајал Масарвех, која ѝ помогнала да отпатува.
„Татко ѝ многу се противеше на патувањето, велеше дека Истанбул е премногу опасен и дека не треба да патува. Но, Лијан инсистираше“, рекла Масарвех за Си-ен-ен.
Насер имала големи планови за крајот на средното училиште. Сакала да купи автомобил со заштедените пари и да стане заболекар. Но, прво планирала да прослави Нова година надвор од Израел. Со пријателите била во клубот „Реина“, а неколку часа пред полноќ поставиле и фотографија на Снепчет. Следното утро, по нападот во кој загинале 39 лица, Насер исчезнала.
Пријателите на Лијан биле пронајдени. Двајца биле ранети. Нејзиниот татко го фатил првиот лет за Турција. Целото семејство се надевало дека можеби успеала да побегне. Во домот на тетката на Лијан било тензично. Таткото пратил фотографија од накит кој му го покажувала полицијата. Не бил сигурен дали ѝ припаѓа на неговата ќерка, но нејзината тетка веднаш знаела. Накитот ѝ припаѓал на Лијан, која загинала во нападот.
„Никогаш нема да си простам. Жалам што не бев со неа. Жалам што не можам да ја дадам својата душа“, рекла тетка Масарвех.
Телото на Лијан ќе биде префрлено во Тел Авив денес.
„Не можам да верувам дека ова се случи“, рекла Масарвех. Тоа било нејзино прво патување надвор од Израел, а враќањето дома ќе биде последно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.