| четврток, 6 декември 2018 |

Француски џихадист осуден на казна од десет години затвор

Францускиот џихадист Никола Моро (32), кој беше обвинет дека се борел една и пол година во зоната на Сирија и Ирак беше осуден денеска на казна од десет години затвор од страна на Судот во Париз.

Неговата казна беше придружена со минимален рок на издржување од две третини, јавува дописникот на МИА од Париз.

Тој одби да излезе од затвор за да ја слушне пресудата. Откако на 14 декември пред Судот во Париз, која му судеше за злосторничко здружување во врска со терористички потфат, Обвинителството побара да му биде изречена казна затвор од десет години.

Никола Моро, повеќе пати осудуван, е брат на Флавиан Моро, првиот француски џихадист осуден на седум години затвор по враќањето од Сирија, во ноември 2014 година.

Роден во Јужна Кореја, посвоен на четири годишна возраст од француско семејство, Никола Моро влегува во деликвенција по разводот на посвоителите, а во затвор, каде што помина пет години, особено за кражби, тој преминува во ислам. Неговиот пат е сличен на оној на неговиот брат, Флавиан Моро, помлад за две години, исто така со потекло од Јужна Кореја.

Но ако Флавиан помина само неколку недели во зоната на Сирија и Ирак, Никола ќе остане таму година и половина, борејќи се и во Сирија и во Ирак. Во текот на летото на 2014 година, тој дури и отвори ресторан за период од три месеци до Рака, со стекнатиот „плен од војната”.

На расправата, Никола Моро не беше штедлив на деталите, за разлика од другите џихадисти. Тој изјави дека во текот на седумнаесет месеци, неговата улога не била ограничена само на стражарење. Тој учествувал и во „неколку операции”.

Со рацете прекрстени на грбот, тој со самодоверба изјави дека учестувал во една операција „ингимаши“, која во терминологијата на организацијата ИД значи самоубиствена, односно дека има само десет отсто шанси да се врати жив.

Во јуни 2015 година тој бега од редовите на ИД поради како што вели „измачувањата, тортурата, отсечените глави”.

– Ги сфатив претерувањата на Даеш. Тие го перат мозокот, тие измачуваат затвореници. Тие се однесуваат мизерно дури и со муслиманите, изјави тој на судењето.

Никола Моро им даде „информации” на француските правосудни органи, што може да ја загрози неговата безбедност во затворот во Флери-Мерожис.

По слегувањето од авионот Никола Моро на сослушувањето, го споменал извесен Абу Сулејман, кого го сретнал во Сирија. Денес тој тврди дека тоа е Абрини Мохамед, еден од наводните сторители на бомбашките напади во Брисел.

По терористичките напади во Париз и Сен Дени, тој испратил писмо до судијата, во кое тој пишува дека тој се сретнал со Сами Анимур во Рака, еден од тројцата бомбаши-самоубијци во Батаклан.

При судењето тој ја нагласи неговата желба да се ожени и да се смири, тој не се двоумеше да ги предупреди своите судии. – Ако ми изречете тешка казна, тоа ќе биде потешко за мене да се вратам во нормален живот. Јас повторно ќе земам оружје, рече тој.

Аргументот не ги убеди неговите судии, кои му изрекоа казна од десет години затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top