Идентитетот на терористот – сторителот на нападот во познатиот ноќен клуб „Реина“ во турската метропола, неговото државјанството и врски се утврдени, но поради забрана за емитување во интерес на истрагата, тие сѐ уште не се соопштуваат, јавуваат турските медиуми.
Овие информации не се сѐ уште потврдени бидејќи официјално соопштение за нападот не е издадено. Во меѓувреме, истанбулската полиција притвори осум лица кои би можеле да имаат врска со настанот.
Експертите тврдат дека се работи за професионален убиец. Според изјавите на експертот за безбедност и тероризам во пензија Абдулах Агар кои ги пренесува весникот „Хуриет“, се работи за искусно лице извежбано за пукање од близина особено во населени места.
Додека трае истрагата за терористичкиот напад кој беше извршен во првите часови на новата година и во кој животот го загубија 39 -мина, а 65 се ранети, од анализата на видео снимките се откриваат и деталите на самиот напад.
Се наведува дека напаѓачот го познавал добро локалот и се претпоставува дека направил увид пред новогодишниот напад во самиот клуб. Терористичкиот напад траел вкупно седум минути од почетокот на нападот до исчезнувањето на напаѓачот. Откако се симнал од такси возилото и пукал врз обезбедувањето пред клубот се качил на вториот кат на локалот и оттаму отворил оган врз гостите кои ги имало 500 до 600 на број. Потоа се симнал на долниот кат и од близина пукал во главите на повредените кои паднале на земја. Потрошил шест шаржера муниција пукајќи од автоматско оружје „калашников“, што значи дека испукал 180 куршума, тврдат експертите. Пукотот траел непрекинато 45 секунди. Во општата мешаница која настанала и во која дел од гостите се фрлиле во морето, ладнокрвно се пресоблекол и исчезнал.
Турската телевизија НТВ (NTV) денес соопшти дека ИСИЛ ја презел одговорноста за настанот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.