Православните верници на 2 јануари го празнуваат споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Празникот во народот е познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, а се нарекува уште и „Прв Божик”, бидејќи со него почнуваат подготовките за празникот поврзан со раѓањето на Исус Христос. Се верувало дека тогаш почнува да расте денот онолку колку што скока петелот на прагот и оти каков што ќе биде овој ден таква ќе ви биде и целата година. И со овој празник се врзува обичајот полазник – за оној што ќе влезе прв во куќата се верува дека носи среќа или несреќа. За младо и убаво момче или девојка се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба нема да оди најдобро.
Св. Игнатиј е наречен Богоносец, бидејќи како дете Исус го зел во прегратка и им рекол на своите ученици: „Ако не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно”. Бил ученик на светиот апостол и евангелист Јован Богослов, од кого бил поставен за епископ на црквата во Антиохија, со која раководел 40 години. Настрадал за време на римскиот цар Траја, кој по победата над Трачаните и Скитите им наредил на римските богови да им се принесат жртви, а христијаните одбиле тоа да го сторат. Особено против биле црковните старешини и епископот Игнатиј. Царот Трајан самиот дошол во Антиохија за да го разубеди Игнатиј, а кога не успеал, наредил да го одведат во Рим и да им го фрлат на ѕверовите. На 20 декември (според стариот календар) 106 година Игнатиј во еден амфитеатар во Рим бил фрлен пред два лава. Се јавувал повеќепати по смртта, правел чуда и им помагал на сите што ја барале неговата помош.
Фолклористот Марко Kитевски наведува голем број обичаи поврзани со овој празник, а некои од нив потсетуваат на паганските прослави на зимската краткодневица. Обичаите и верувањата што се изведуваат на празникот Игнат се врзани со почетокот на годината, па во Велес, на Игнат вареле пченица и царевка заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата. Во Гевгелиско Св. Игнат бил сметан за тежок и „уд огин аталија празник”. Особено празнувале и не работеле жените што имале деца. Во Штип празникот го викале Игнат – подигнат. Тој ден мајките ги тегнеле „ги подигале” своите деца за ушите или главата за да растат повеќе. И девојчињата што заучувале некоја работа како плетење или везење, тоа го правеле на Св. Игнат, „кога се дигал денот за да се дигала и растела и работата”. Во Радовиш Св. Игнат го сметале за тежок празник и денот го минувале во тишина – не се пеело, не се викало, дури и децата не се тепале за да не плачат гласно. Утрото сите домашни се заблажувале со едно лажиче благо. Во Скопско, спроти празникот се сечеле три вида шума – зеленика, смрека и даб, а гранчиња се оставале до вратата под стреата и со нив за идните празници се потсилувал оганот. Утрото на Св. Игнат се палел посилен оган во огништето, а потоа, домаќинката ги скоревала децата со кои го изведувале обичајот силење – прпешкање на огнот. Тогаш земале од гранките донесени вечерта и го буричкале оганот, благословувајќи за добро здравје, за напредок на стоката и богат род.
Го прогнозирале времето со жарчиња и жито
Во Kумановско на овој ден се прогнозирала среќата за целата наредна година со жарчиња. Овој обичај се изведувал вечерта спроти празникот, кога жарчиња се ставале на земјата и до секое жарче по едно зрно од разните житни култури – пченка, пченица, ’рж, јачмен, овес и др. Потоа се поклопувале „сас каленицу” или со вршник и на празникот се гледало како изгаснале жарчињата. Се верувало дека тие што согореле добро со пепел претскажуваат оти тоа жито добро ќе роди, тие што изгаснале и станале црни јаглења претскажувале дека тоа жито нема да роди. Во овој крај се прогнозирало и на времето, ако е облачно, се верувало дека ќе има бериќет, ако е ведро, претскажувало дека годината ќе биде сушна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст