| четврток, 6 декември 2018 |

2016 година беше крај на светот каков што го знаеме. Што следува?

Фразата „пресвртна точка“ се употребува премногу често, но се чини дека идните историчари токму така ќе ја опишуваат 2016 година. Најистакнатиот настан беше изненадувачката победа на Доналд Трамп. Поразот на Хилари Клинтон предизвика шок низ целиот свет. Мандатот на милијардерот во Белата куќа почнува на 20 јануари. Многумина ќе го наречат датумот „црн петок“ стравувајќи дека трампизмот може непоправливо да ѝ наштети на меѓународната безбедност, заштитата на животната средина и на човековите права. Други, пак, ќе го гледаат како знак на добредојдена промена. Тоа ќе биде година на опасно живеење.

Сепак, 2016 година беше посебна и по многу други работи – и добри и лоши. Борбата против Исламска држава во Сирија и во Ирак се засили, иако терористичките злосторства зедоа многу животи од Ница до Џакарта. Во Колумбија беше потпишан мировен договор, со што се стави крај на најдолготрајниот бунт во светот. Европската унија остана во конфузија откако Велика Британија гласаше да ја напушти. Парискиот договорот обележи важен чекор во борбата против климатските промени.

trump-obama

Избори и референдуми

Протекционистичкиот и изолационистички став на Трамп ја доведе во прашање неизбежноста од глобализацијата, што укажува на враќање на економскиот национализам, казнените тарифи, трговските пречки, контролата на движењето на работна сила и на капиталот, затворените пазари и умови што постоеле некогаш пред 1939 година.

Многумина се надеваат дека Трамп ќе заземе попрагматичен став. Но, тој ја доведе во прашање ефикасноста на меѓународните институции, како што се Обединетите нации, Светска банка и НАТО и фрли сомнеж врз клучните безбедносни сојузници во Азија. Трамп, исто така, предизвика загриженост за Парискиот договор за климатските промени од април.

Изразената поддршка на Трамп за еднострано војување, за авторитарно владеење, тортура, неопределен притвор без судење и за верско и расно профилирање на имигрантите и на бегалците, доколку биде реализирана, би ја уништила универзалната заштита на правните и човекови права создадена преку системот на Обединетите нации од 1945 година.

Првиот светски лидер со кого Трамп разговараше по победата беше лидерот на воениот удар во Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, што даде застрашувачки увид во неговите приоритети.

Тесниот референдум на кој Велика Британија гласаше да ја напушти ЕУ беше сосема неочекуван. Многумина повлекоа паралели со САД велејќи дека врз таа одлука имале влијание слични националистички и популистички сили, поткрепени од гневот дека глобализацијата и придружната имиграција го поткопуваат начинот на живот на нископлатените работници.

Според временската рамка на британската влада, „Брегзит“ ќе почне во март, кога Велика Британија и официјално ќе поднесе барање за развод. Се очекуваат тешки преговори, со фокус на слободата на движење (која Велика Британија сака да ја намали) и на непречен пристап на Велика Британија кон единствениот пазар (на што другите членки на ЕУ се противат).

Се очекува поделбите во Велика Британија околу „Брегзит“ да се продлабочат, особено ако опадне фунтата и, како што се очекува, ако драстично се зголемат трошоците за живеење. Политичките притисоци во Европа уште повеќе ќе ја искомпликуваат состојбата по Брегзит.

le-pen-copy

Во Франција напролет ќе се одржат претседателски избори. Се очекува Марин Ле Пен, лидерката на крајнодесничарскиот Национален фронт, да постигне добри резултати. Ле Пен сака Франција да се откаже од ЕУ и од еврото. Нејзин главен противкандидат, најверојатно, ќе биде Франсоа Фијон, католички тачерист. Социјалистичкиот претседател, Франсоа Оланд, нема да се кандидира за реизбор. На општите избори во Холандија во март, исламофобот Герт Вилдерс би можел да се покаже како влијателно загревање за Ле Пен. Вилдерс се залага за холандски „Негзит“.

Во септември ќе се одржат сојузни избори во Германија. Ангела Меркел бара реизбор за четврти мандат како канцеларка, но се соочува со силен отпор од страна на антиимигрантската Алтернатива за Германија.

Сета таа внатрешна несигурност би можела да ја парализира ЕУ во 2017 година, како што се соочува со приливи на рекорден број бегалци, со хронична слабост на еврозоната, закани од Русија и со несигурен партнер во Вашингтон. Идејата дека Меркел ќе го преземе факелот од Обама и ќе стане главен бранител на западната либерална демократија останува само пуста желба.

4410-copy

Конфликти и тероризам

И покрај постојаните обиди на ОН за мир, граѓанската војна во Сирија одбележи пет години во 2016 година и се приближи кон крвав расплет. Интервенцијата на Русија направи решавачка разлика. Бунтовниците поддржани од Западот беа потиснати. Режимот на претседателот Башар ал-Асад беше охрабрен да верува дека може да опстане.

Во Ирак, офанзивата повторно да се заземе Мосул од ИСИС е во застој. Војната во Јемен не покажува знаци на стивнување, се критикуваат Велика Британија и САД за продажба на оружје на Саудиска Арабија, чиишто воздушни напади се обвинуваат за голем број цивилни жртви. Во Либија се појави нова закана од ИСИС фокусирана на упориштето на починатиот Моамер Гадафи во Сирт, што предизвикува жестоки борби.

ИСИС, исто така, беше активна во Авганистан предизвикувајќи ги Талибанците за контрола на руралните средини. Авганистан сега е најдолгата војна на Америка. Повеќе од 8.000 американски војници сè уште се стационирани таму, иако борбените сили на НАТО си заминаа. Дали Трамп ќе се обиде да ја заврши во 2017 година, како што Обама залудно се обиде да го направи тоа во 2009 година? Или, пак, ќе ја повлече војската, оставајќи ги Авганистанците да се борат сами?

Трамп вели дека победата над ИСИС е негов главен приоритет во странство. Тој за советник за национална безбедност го назначи Мајкл Флин, поранешен генерал, кој тврди дека е рационално да се плашиме од муслиманите. Помислата дека тој може да биде задолжен да го исполни ветувањето на Трамп да ја победи ИСИС ги вознемири набљудувачите.

Следната годината американскиот фокус, најверојатно, ќе биде напаѓање на ИСИС во централните подрачја на калифатот околу Мосул и Рака во Сирија, каде што џихадистите се под опсада од страна на ирачките и на курдските сили.

Сепак, заканата од ИСИС ќе остане. Западните безбедносни агенции се загрижени дека бројот на раселени џихадисти во Европа може да се зголеми во 2017 година и дека ќе продолжат да се извршуваат напади како тие во Брисел во март, каде што загинаа 32 лица, и во Ница во јули, каде што загинаа 86. Џихадистичките веб-страници го славеа изборот на Трамп очекувајќи пораст на бројот на регрути.

trump-putin-copy

Демократија и диктатори

Владимир Путин, претседателот на Русија, ќе остане најголемиот кошмар на Западот во 2017 година. Покрај Сирија, се очекува Русија дополнително да го засили своето воено присуство по границата со балтичките републики, да продолжи да интервенира во Украина и прикриено да го користи своето политичко влијание, да шири дезинформации и да продолжи со кибернетската војната во источна Европа.

Одбивање на Трамп да го критикува Путин укажува на тоа дека САД и Русија, можеби, ќе направат некој вид политички компромис и ќе се вратат на концептот на „сфери на влијание“ – можност што длабоко алармира многу членки на НАТО. Тоа што Трамп го номинираше извршниот директор на нафтената компанија „Ексон мобил“, Рекс Тилерсон, другар на Путин, за државен секретар само ја зголеми загриженоста. Ако Трамп се обидува да направи уште едно руско „ресетирање”, голема е веројатноста дека Путин ќе си го земе тоа што го сака и ќе го остави остатокот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top