| четврток, 6 декември 2018 |

Русија ѝ враќа на Америка: Ќе протера 35 дипломати

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска соопшти дека му предложил на претседателот на Русија, Владимир Путин, од земјата да бидат протерани 35 американски дипломати, како противмерка, ден откако САД објавија низа санкции кон Москва поради обвинувањата за хакирање, со цел мешање во американските избори.

Лавров, во телевизиска изјава, рече дека Русија има намера 35 американски дипломати да ги прогласи за „непожелни личности“, од кои 31 се членови на персоналот на американската амбасада во Москва, а четворица се вработени во Генералниот конзулат на САД во Санкт Петербург.

– Ние, секако, не можеме да ги оставиме ваквите навреди без одговор, бидејќи реципроцитетот е закон во дипломатијата и во надворешните работи – рече Лавров, нагласувајќи дека обвинувањата за мешање на Русија во американските претседателски избори се неосновани.

Американскиот претседател, Барак Обама, вчера наложи протерување на 35 осомничени руски шпиони и воведување санкции за двете руски разузнавачки агенции поради наводна замешаност во хакирање.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top