Кил во изминатите години инвестираше во врвни млади ракометари, но германскиот гигант не се откажува така лесно и од поискусните лидери што ги има во своите редови. Доказ за тоа се и успешните разговори што „зебрите“ ги имаа со својот голман Никлас Ландин, кој потпиша нов четиригодишен договор со актуелниот германски вицешампион.
– Јас и моето семејство се чувствуваме многу добро во Кил, исто така ни одговара што сме близу до Данска. Кил во моментов во своите редови има голем број на млади играчи, пред овој клуб е блескава иднина. Сакам да продолжам да бидам дел од тоа, затоа ми е мило што потпишав договор до 2021 година – изјави Ландин по потписот на договорот.
„Зебрите“ во своите редови го имаат најдобриот голмански тандем во Европа, ако се знае дека од сезонава покрај Ландин голот на Кил го брани и германскиот репрезентативец Андреас Волф.
Данскиот чувар на мрежата е дел од Кил од јули 2015 година, кога дојде во овој клуб од редовите на лутиот ривал Некар Левен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.