| четврток, 6 декември 2018 |

Мурињо: Клаузулата е активирана во мозокот на Ибрахимовиќ

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, ја отфрли можноста Златан Ибрахимовиќ по завршувањето на сезоната да го напушти „Олд Трафорд“.
Ибрахимовиќ со Јунајтед има потпишано едногодишен договор, истиот истекува во јули наредната година, а во него е вметната клаузулата дека тој може да биде продолжен за уште една година.
Мурињо има намера да ја активира клаузулата и да стави крај на шпекулациите дека Швеѓанецот по завршувањето на сезоната ќе се пресели во американската МЛС лига.
„Клаузулата е активирана во мозокот на Ибрахимовиќ, но и кај мене и кај клупските челници. Околу тоа не постои никаков проблем“, изјавил Мурињо за Скај спорт.
Сигурен сум дека тој не дојде во Премиер лигата онака, тој сака да се докаже тука. Дали ќе биде неуспешен во Јунајтед? Мислам дека тоа не е можно. Јасно е дека е подготвен за сите напори кои ги бара Премиер лигата, а така ќе биде и во наредните сезони, порачал Мурињо.
Во досегашниот тек од сезоната 35-годишниот напаѓач е најдобриот стрелец и играч на Јунајтед, во сите натпреварувања одиграл 26 натпревари и постигнал 18 голови.
Ибрахимовиќ во кариерата настапувал за Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан и ПСЖ, со сите барем еднаш бил шампион, но никогаш во кариерата не ја освои Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top