Најважното прашање кое треба да се постави е како воопшто дојде до заживување на фашизмот во една земја која меѓу првите во Европа се спротивстави на фашизмот.
Исто така, ме интересира како дојде до толкаво незнаење и игнорирање кон тоа блиско минато, што е феномен каков што не постои во ниту една земја во соседството. Зошто не го препознаеме предупредувањето за опасностите од тој феномен во Хрватска уште од времето на Фрањо Туѓман, поради кои де факто беше окупирана во војната, па денес се доведуваме во состојба да се плашиме дали ќе отидеме на Европското фудбалско првенство и ќе плаќаме милионски казни и така да ја компромитираме земјата на феноменални спортисти, станувајќи заложници на многу чудна ситуација.
Мислам дека мораме да почнеме да ја бараме причината за тие појави, бидејќи ако не поставиме дијагноза нема да го имаме вистинскиот лек.
Можете ли да замислите капитенот на германската фудбалска репрезентација да застане на трибината и да вика: „Зуг Хајл!” Тоа би ви изгледало целосно ненормално и лудо, но во нашата земја тоа е нормално. Веднаш да се оградам, јас не го обвинувам човекот, тој е само производ на силно незнаење и на овој систем во кој се премолчува темата на заживување на фашизмот. Во тој систем нема соодветна телевизиска емисија во која на соодветен и сериозен начин би се зборувало за појавата на фашизмот во Хрватска.
Поради тоа не постои соодветно јавно мислење за таквите појави, како што тоа не постои ни кон кирилицата, ни кон хомосексуалците. Во позадина на таквите ставови има огромно незнаење, а за незнаењето е заслужен целиот систем кој не овозможува склопување на целокупниот мозаик, па нормално е новите генерации да реагираат така.
Кога последен пат сте виделе на јавната телевизија да се манифестира фашизам и усташлук добро и сериозно обработени без ракавици? Наместо тоа, кај нас постои постојано релативизирање на жртвите на Блајбург и на жртвите на фашизмот, што е неприфатливо.
Така денес Блајбург се изедначува со жртвите на фашизмот и се бараат аргументи да се докаже дека тие две работи се еднакви. Фашизмот е заслужен за смртта на 60 милиони луѓе на оваа планета! Тоа не можеме да го изедначуваме. Секоја чест на жртвите на Блајбург, но сите жртви на Блајбург не биле невини. Сојузниците го бомбардирале Дрезден, при што страдале илјадници луѓе, но не можеме сега да кажеме дека Англичаните се исто како Хитлер.
Благодарение на тој демократски свет, не сме работници во рудници и ниска класа. Ми се чини дека тоа заживување на антифашизмот и усташтвото, барем тука кај нас на Балканот, е резултат на најкласични причини. Во прв ред, на тоа влијае временската дистанца која го амортизира секој феномен, па и тој. Потоа на тоа се надоврзува семејната традиција, на пример, стремежот да не се прифати тоа дека вашиот дедо колел во Јасеновац, туку дека бил невина жртва на Блеибург.
Тоа е подобро семејно сценарио – поубаво е да им се кажува на младите дека на дедо им му пресудиле комунистите, отколку дека убивал и колел. Потребата за прекројување на историјата ја имаат семејствата чии членови биле компромитирани во војната. Луѓето кои го дочекале крајот на Втората светска војна како невини и некорумпирани денес ги живеат своите животи и немаат потреба за прекројување на историската матрица како што имаат поколенијата на луѓето кои правеле злосторства.
Во поранешна Југославија загинал секој 12-ти човек, што значи дека во однос на денешната популација би се работело за 2,5 милиони луѓе. Од тоа произлегува дека тоа злосторство некој морал да го направи. Сите виновници за Втората светска војна не можат да бидат невини, бидејќи имавме милион и 200 илјади мртви луѓе, како што ни сите партизани не можеме да ги сметаме за ангели.
Хрватска може својата позиција на антифашистичка земја, која се спротивставуваше на фашистичката идеологија, во голема мера, речиси во целост, да и ја заблагодари на хрватските партизани. А да се изедначуваат хрватските партизани и комунистите не може целосно да биде вистинито.
Пред некој ден го дознав податокот дека во битката на Сутјеска загинале најмногу луѓе од Каштел Суќурец, кој немал комунистичка организација ниту дал некој познат комунистички лидер. Тоа биле луѓе кои биле против фашизмот. На тоа Хрватска мора да биде горда, без оглед на тоа што се случиле инциденти како Блајбург и Кочевски Рог.
Професорот Класиќ често потенцира дека историчарите многу ретко се консултирани во таквите и слични случаи. Сите судења на воените злосторници биле помалку или повеќе нелегални, на пример судењето на Адолф Ајхман. И кога ќе ги видиме денешните правосудни принципи, би виделе дека не можеме да ги аплицираме во времето од пред 70 години.
Од денешен правен аспект да се прави вивисекција на некој спор од пред 50 или 60 години, навистина е смешно. Тоа било повоено време во кое соработниците на окупаторот биле стрижени и фрлани во катран, а жените претепувани на смрт. Блајбург сепак бил еден транс кој се случил по падот на фашизмот. Мусолини бил обесен без судење, неговата љубовниса исто така, иако веројатно не била виновна. Кога денес би направиле реконструкција на случајот со Мусолини, би можеле да осудиме 50 граѓани на Италија кои го обесиле без судење и уште се изживувале на него. Кога го изгубиле бекграундот, духот на тоа време, сето тоа станува многу релативно. Треба да се сфати дека тогаш таков бил правниот систем.
Денес не можете да му судите на Черчил поради бомбардирањето на Дрезден, што денешните ОН силно би го осудиле, но во контекст на 60 милиони мртви луѓе, жртвите од Втората светска војна, не можете да проценувате од позиција на денешното време, туку на тоа што се случило тогаш, а тоа е една од најголемите трагедии на планетата, едно лудило, кое се манифестирало и преку судења и одмазди.
Тоа мора да се земе предвид кога се зборува за минатото. Затоа минатото најдобро да се остави на историчарите, да го обработат и контексуализираат, па дури потоа да се донесуваат одлуки за тоа кој всушност бил Дража Михајловиќ.
Не сум безрезервен фан на нашиот Маршал и поради неговото име и лик знаев на сопствен грб да ги почувствувам последиците од тој режим. Но, како што велат далматинците, дај го детето на мајката, т.е. да ги дадеме на историчарите да ги обработат тие феномени. Но, во тоа треба да учествуваат и медиумите и политиката, а треба да бидат вклучени и научната и образовната политика. Во спротивно постојано ќе талкаме и ќе ја удираме главата од ѕид при што ќе доаѓаме до погрешни заклучоци и хистерија. Тито не бил ни подобар ни полош од многу лидери од тоа време.
Мораме да знаеме какво било тоа време. Исто така, не смееме да заборавиме дека жените во Швајцарија добиле право на глас дури во 80-те години, дека црнците уште пред 40 години патувале на задните седишта во автобусите, не можеле да влезат во ресторани и нивните деца не можеле да се школуваат со белите деца. Тоа е блиско минато. Многу врвни интелектуалци на тоа време, вклучувајќи ги и нашите, биле расисти или ксенофоби, не поради тоа што биле лоши луѓе, туку затоа што таков бил духот на тоа време.
Поради тоа Тито треба да се проценува од позиција на духот на тоа време. Тито не живеел во времето на хипи движењето, Тито живеел во многу опасни и тешки времиња и како секој човек имал и нагон за преживување.
Но, немојте да мислите дека неговите противници во тие времиња ги третирале поинаку и дека сите тие луѓе, кои тој ги пикнал во затвор, не би го затвориле и него. Тоа било тест на тоа време, а тие луѓе биле воспитани во духот на тогашниот Советски Сојуз, така да сето тоа мора многу рафинирано и длабоко да се анализира, без хистерија.
Посебно не смеат да се изедначуваат усташкото движење и антифашизмот. Без оглед на Титовите гревови и очигледниот труд на тие кои тоа упорно се обидуваат да го прават, тоа на малкумина ќе им појде од рака.
Тпортал.хр
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.