Словенија на 1 јануари ќе одбележи десет години откако го воведе еврото. Тоа на граѓаните и економијата имало повеќе позитивно влијание отколку негативно.
Како што објави државниот Завод за статистика на таа земја, животните трошкови за тој период се зголемени за 20,2 отсто, третина од просечниот пораст на инфлација во еврозоната, но значајно растеле и просечните плати, за речиси 30 отсто.
Кога Словенија на 1 јануари 2007 го воведе еврото и го замени дотогашниот толар во готвинското плаќање и финансиски трансакции од Европската централна банка трезорот го наполнила со две милијарди евра готовина, просечната месечна плата за полно работно време изнесувала само 810 евра, а денес е нешто над илјада евра.
Според статистичките податоци, натпросечно пораснале цените на услуги, па „поради еврото“ цената на шолја кафе во кафич пораснала за 48 отсто, а пивото и фризерските услуги за 42 отсто.
За просечна плата пред воведување на еврото во локал можеа да се добијат 950 шолји кафе, а сега околу 840, но и доста артикли поевтиниле, што се однесува на храната, додека недвижнините и услугите од воведувањето на еврото во повеќе случаи растеле.
Словенија еврото го воведе откако исполни четири критериуми oд Мастрихт, со што стана 13-та земја на Европската монетарна унија. Беше првата земја на која тоа и појде од рака меѓу членките кои во ЕУ влегоа во 2004 година.
Се оценува дека тоа значајно помогнало на интернационализација на економијата, бидејќи се олеснети финансиските трансакции со повеќето држави во кои извезуваат словенските претпријатија, иако тие на почетокот се тужеа дека поради еврото веќе не можат да сметаат на стимулативна курсна политика со која владата претходно го поттикнуваше извозот.
Еврото значајно влијаело и на бонитетот на Словенија, нејзините фирми и финансиски институции. Кредитниот рејтинг на Словенија е подигнат на ниво кое овозможувало многу ниски камати, но и можеби претерано задолжување, што се променило дури со настапот на глобалната финансиска криза, а посебно кризата во еврозоната. Тогаш словенскиот кредитен рејтинг е намален четири пати и почнал да се стабилизира дури по финансиските инјекции на државата кон проблематичните банки кон крајот на 2013 година, а преземени се и мерки на намалување на јавниот долг во БДП поради стабилизација на јавните финансии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.