| четврток, 6 декември 2018 |

Пеколот почна од овој графит

Над 300.000 луѓе загинаа во досегашниот судир во Сирија, а тоа сигурно не е конечна бројка. Во Сирија веќе со години се борат неколку големи фракции. Од една страна тука се силите лојални на претседателот Башар ал Асад, а нив ги поддржуваат Русија и Хезболах. Иако силите на Асад во еден момент во војната се најдоа речиси во безизлезна состојба, руската интервенција во есента 2015 година почна да го врти текот на војната во нивна корист.

Со нив во судир се бунтовничките групи. Основната бунтовничка фракција, Слободната сириска војска, ја поддржува САД. Голем дел од Сирија (се уште) го држат џихадистите на Исламската држава, а добар дел од војната многу влијателна беше ал Нусра, сириска верзија на Ал Каеда. Дел од Сирија држат курдските единици, кои исто така, се поддржани од САД. Курдите за цел имаат создавање на своја држава која би опфаќала добар дел од Сирија, Ирак, но и од Турција.

Последните денови сведоци сме на голема битка за Алепо. Иако тешките борби кои целосно го уништија градот траат веќе со години, дури сега пред неколку недели работите почнаа да одат во корист на војската на Башар ал Асад. Минатата недела силите на Асад ја преземаа контролата над речиси 90 отсто од градот, а до денес се чистат преостанатите џебови со бунтовници. Загубата на Алепо, се согласуваат светските експерти, е удар од кој бунтовниците нема да се опорават.

Се на се, Сирија во последните пет години е уништена од војната во која има толку страни што е навистина тешко да се снајде. Освен 300.000 мртви, војната резултираше и со милиони бегалци, а мнозинството од нив престојуваат во Турција.

Се почна од еден графит

Но, како сето ова почна. Тешко е да се замисли дека капислата бил еден графит, кој во 2011 година го напишале неколку момчиња.

Група млади момчиња во 2011 година во сирискиот град Дараи напишале порака „народот сака да го симне режимот”. Власта тој графит не сакала да го толерира и ги уапсиле младите, што предизвикало жестоки демонстрации во Сирија. Екстремните исламисти ја искористиле таа состојба и почнале судири со војската. Владината опозиција исто така почнала да се вооружува, па од демонстрантите ја конструирале Слободната сиријска војска. Им помогнале воени лица кои ги одбиле командите според кои требале да ги ликвидираат сопствените граѓани.

Во текот на демонстрациите во дел од земјата се барало реформирање на државата од страна на власта и ослободување на политичките затвореници, а владата со оган ги смирувала демонстрантите, убивајќи десетици луѓе.

Така почна се, а крвавиот судир се уште трае. Од тогаш експлодира во најголема хуманитарна криза од Втората светска војна. Сириската граѓанска војна зад себе остави над 300.000 мртви, а 10.6 милиони луѓе, речиси половина од популацијата, ги натера на судир. Недолго потоа Западот побара оставка од Асад, но Русија и Кина имаа други идеи. Западот и европските лидери сметаа дека Асад треба да се повлече, со став дека сириската иднина мора да биде одлука на Сиријците. Но, Русија и Кина во есента 2011 година вложија вето на Советот за безбедност на ОН и ги спречија САД да го запрат насилството и да покренат санкции.

Судирите продолжија, а до почетокот на 2013 година загинаа над 60.000 луѓе, додека над еден милион ја напуштија Сирија. Бранот на бегалци константно се зголемуваше. Истата година се појавија терористите на Исламската држава и на делови на Ирак и Сирија прогласија калифат. Се додека брутално не го обезглавија Џејмс Фоли, оваа милитантна група светот не ја сфаќаше сериозно.

Западот и сојузниците во меѓувреме почнаа со вооружување на сириските бунтовници, додека Русите почнаа да го помагаат сирискиот режим. САД покрена и први воздушни напади на ИД и вооружување на Курдите. Вооружувањето на сите страни како последица донесе тоа што денес во Сирија постојат многу различни вооружени групи.

Поради сирискиот конфликт од земјата во октомври оваа година побегнаа околу 10 милиони жители. Многу од нив се сместени во бегалски кампови во Јордан, Турција и Либанон, каде живеат во бедни услови. Тие кои можеле да си дозволат, тргнаа кон земјите на ЕУ. Најголем дел од бегалците доаѓаат од Сирија, но има и од Ирак, Пакистан, Турција, Албанија и Авганистан.

 

Извор: Индекс.хр

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top