| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ на браникот на македонските национални интереси (1990-2016)

По издавањето на Прогласот, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на своите корени, ова беше неопходно не само за партијата, туку и за самата држава бидејќи од минатото знаеме дека расцеп во ВМРО-ДПМНЕ значи и расцеп во државата, зацврстување на ВМРО-ДПМНЕ значи и зацврстување на државата. Ова може кој како сака да го интерпретира, но тоа се фактите

 

Nikola-Srbov-150.jpg

Колумнист: Никола Србов

Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ издаден на 17 декември 2016 година се темели, и го надградува, Прогласот за формирање на ВМРО-ДПМНЕ изнесен во 1990 година, пред да се формира партијата. За да ни биде појасна сликата што, всушност, значеше новиот проглас, подолу ќе направам паралела со Прогласот од 1990 година и како овие два документа се во согласност со Уставот на Република Македонија, со забелешка дека првиот проглас е напишан пред да се напише Уставот на државата.

Во Прогласот изнесен на 17 декември 2016 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа содржани ставовите на македонскиот народ, ВМРО-ДПМНЕ како партија што произлегува од народот имаше обврска да се заземе за ставот на македонските граѓани, тоа и го стори. Ваквата обврска на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од точката 3 од Прогласот за формирање на партијата од 1990 година: „ВМРО-ДПМНЕ како партија што извира од народот и му припаѓа на народот е против секаков вид македонски врховизам и против него се бори во духот на илинденскиот идеал на македонскиот народ…“.

kol225-srbov-2

Во втората точка од Прогласот од 17 декември 2016 година, стои: „Државата мора суверено да ги донесува одлуките, некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре, остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и со претставници на други држави, но некои амбасадори, кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика, мора да престанат да го прават тоа“. На целата македонска јавност ѝ беше повеќе од јасно дека странските претставници во Република Македонија почнаа да излегуваат надвор од рамките на нивните ингеренции. Вмешувањето индицира нарушување, уривање на суверенитетот на државата, а суверенитетот не смее да биде ставен под личниот или партиски интерес на кој било во оваа држава, тој е есенцијалната компонента што ја карактеризира една држава.

kol225-srbov-3

Како се одзема суверенитетот на државата?

Носители на суверенитетот на Република Македонија се нејзините граѓани, кои преку својот глас решаваат кој ќе ја води нивната држава. Ова е запишано во членот 2 од Уставот на Република Македонија: „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и на други облици на непосредно изјаснување“. Доколку некој, на каков било начин, се обиде да ја измени волјата на граѓаните на Република Македонија, кои се носители на суверенитетот, тој, всушност, го урива суверенитетот на државата.

За уривањето, или обидот за преземање на суверенитетот од надворешни фактори и личности и организации, чијшто интерес е над суверенитетот на државата, во Уставот на Република Македонија во членот 1 стои: „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“. Со фабрикувањето на волјата на граѓаните се врши противуставна дејност од страна на Социјалдемократскиот сојуз и некој ќе мора да преземе одговорност за ваквите дејства.

kol225-srbov-ustav

По објавувањето на Прогласот од страна на Никола Груевски, неговите опоненти од СДСМ веднаш почнаа да го толкуваат, наводно, како повик за „војна“ со земјите од Западна Европа и со САД, веднаш се обидоа да импутираат изолација на државата преку прогласот на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа е само дел од пропагандата на СДСМ, опасното во таа пропаганда е тоа што тие се обидуваат на таков начин да ја претстават државата и македонската политика во некакво „русофилско“ светло што, пак, се наоѓа само во главите на членовите на СДСМ и на креаторите на нивната партиска политика, а притоа го занемаруваат фактот дека тоа е штетно за државата.

Во прогласот многу јасно и прецизно се говори за амбасадорите во Република Македонија, а не за државите што тие ги претставуваат или за властите во тие држави, а уште помалку за народите во тие држави. Да зборуваме со факти, во Прогласот за формирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ издаден во 1990 година, во точката 1 се вели: „ВМРО ДПМНЕ ќе работи за национално и за територијално обединување на распарчениот македонски народ во самостојна национална држава во рамките на обединета Европа, во која македонската нација единствено може да ги остварува своите права во полна демократија…“. Бидејќи пред фактите и боговите молчат, ВМРО-ДПМНЕ е првата политичка партија во Република Македонија што јавно го изрази својот прозападен карактер и прва почна да зборува јавно за Европската унија, тогаш сѐ уште Европска заедница, затоа денешните извртувања за, наводно, русофилство на оваа политичка партија не само што се паушални, туку не можат да се потврдат со ниту еден доказ за таквото дејствување. Прозападниот карактер на ВМРО-ДПМНЕ го изнесе и Никола Груевски читајќи го Прогласот од 17 декември 2016 година каде што истакна „ВМРО-ДПМНЕ историски, во сегашноста и во иднина била и ќе биде прозападно ориентирана партија, а нејзината ориентација е членство во ЕУ и во НАТО и стратегиско пријателство со САД“.

Социјалдемократскиот сојуз, со прифаќањето на директивите на странските амбасадори во Република Македонија, покрај уривањето на Уставот, преку уривањето на суверенитетот, ја погазува и волјата на своите гласачи и членови бидејќи преку ваквата политика за нивната партија решава некој однадвор, а не членството и раководството на партијата. Во Прогласот изнесен на 17 декември 2016 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во однос на ова соопшти: „ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и на преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара или се донесуваат одлуки за кои во секоја држава решаваат претставниците избрани од народот“. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за немешање однадвор на странскиот фактор е заземен уште од создавањето на оваа политичка партија, затоа на почетокот пишав дека ова е надградување и враќање на темелите. Во Прогласот од 1990 година во точката 5 се вели: „ВМРО-ДПМНЕ прифаќа соработка само со македонски партии и движења на кои им е туѓ секаков предавнички врховизам“. Историски, терминот „врховизам“ означувал надворешно вмешување во внатрешните работи на македонскиот народ, токму затоа овој термин бил искористен во прогласот за формирање на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како во 1990 година, така и денес, во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека нема да преговара со политички партии преку кои говорат странски фактори. Или, народски кажано, нема да преговара со политички партии што работат за туѓи бели дворови.

Во контекст на надворешното мешање во државата беше и делот во кој се говори за невладините организации под капата на Фондацијата Отворено општество. Во Прогласот изнесен на 17 декември 2016 година, Никола Груевски соопшти дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за „десоросоизација“ на Република Македонија и за зацврстување на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и на невладините организации по примерот на најнапредните демократии во светот“. Ова, можеби, е една од најклучните точки за заздравување на општеството и за спас на државата. Изминатите години гледавме како се врши монополизација на невладиниот сектор, кој се финансираше од еден центар. Не е возможно да постои невладин сектор и тој да биде финансиран и оркестриран од еден центар, не можеме да зборуваме за невладин сектор доколку тој оркестрирано работи за една од политичките партии во Република Македонија. Оваа точка е есенцијална бидејќи преку невладините организации на Сорос беше киднапиран Социјалдемократскиот сојуз, преку газењето на волјата на граѓаните истиот тој невладин сектор, финансиран однадвор, од еден центар што ја киднапираше СДСМ, сега се обидува да ја киднапира Република Македонија. На тој начин се одзема суверенитетот од граѓаните на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историското ВМРО има обврска да ја заштити државата од посегањата по нејзината самостојност и целовитост од страна на надворешни и на внатрешни фактори. ВМРО како организација што секогаш стоела прва на браникот на македонските интереси, неопходно е и сега докрај да остане на линијата на македонските интереси и да не се повлекува ни чекор зад неа, за Македонија се работи.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top