| четврток, 6 декември 2018 |

Кои се црвените линии на албанските партии

Додека Демократската унија за интеграција (ДУИ) не открива дали испорачала услови за коалицирање со идниот мандатар и дали е подготвена за прв пат да стане опозиција доколку тие не бидат прифатени, Беса останива на ставот дека нема да прифатат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но има и 3 предуслови за евентуално учество во новата влада. Услови за коалицирање со која било од двете македоски партии има и Алијансата за Албанците.

Од ДУИ велат дека ќе се произнесат веднаш по верификацијата на мандатите од ДИК. Нивниот лидер денеска се сретна со амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние. Во соопштението од таму стои дека зборувале за случувањата по изборите, и потребата за политичка стабилност и враќање на евроатланската агенда.

„Претседателот на ДИУ, Ахмети истакна дека внимателно и смирено ги следи случувањата имајќи ги предвид интересите на граѓаните и потребата за безбедност и стабилност во земјата. Ахмети се осврна на платформата на ДУИ за јазична и економска еднаквост, консензуалност, владеење на законот како и евроатланската интеграција“.

Беса останува на ставот дека нема да прифати коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но има 3 предуслови за евентуално учество во новата влада: во неа да нема политичари кои се инкриминирани и осомничени од СЈО, доколку договорот за влада биде транспарентен за јавноста и со прецизни рокови, и ако се прифати дискусија за редифинирање на уставно правниот систем на државата.

Алијансата на Албанците има 6 услови под кои би преговарале за влез во идната влада. Бараат албанскиот јазик да биде официјален во цела држава, поделба на буџетот за спречување на експлоатацијата на Албанците, правична застапеност на Албанците по вертикала и хоризонтала.

Под овие услови Алијансата за Албанците би преговарале за влез во идната влада, без оглед дали коалиционен партнер би им бил СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top