Целосна еднаквост на Албанците со Македонците, влез во НАТО, што подразбира промена на уставното име на државата, редефинирање на уставниот поредок, албанскиот да биде втор официјален јазик во цела држава, Специјалното обвинителство да стане уставна категорија, Албанец шеф на државата, премиер или претседател на Собранието…
Ова се само дел од условите на ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, кои ќе се најдат на преговарачката маса на идниот мандатар, Никола Груевски или Зоран Заев за формирање на новата влада. За ВМРО-ДПМНЕ речиси е извесно дека нема да ги прифати ваквите услови, па останува евентуално за нив да се изјасни Зоран Заев, за кого, ако се суди според кампањата, најмалку два не би биле спорни: албански јазик на целата територија на РМ и влез на СЈО во Уставот. Доколку и Заев не ги прифати барањата, невозможно е формирање нова влада, бидејќи ни ВМРО-ДПМНЕ ни СДСМ не ќе може да обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник за да се изгласа новиот владин состав. Во таков случај, би останале во игра две опции: коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што е можеби и целта на условите од албанските партии или нови избори, анализира „Дневник“.
По условите што ДУИ веќе му ги испорача на идниот мандатар и без чие прифаќање партијата на Али Ахмети е подготвена првпат да остане во опозиција, иако е победник во албанскиот блок, од вчера свои услови на маса испорачаа и Беса и Алијансата за Албанците.
Условите на Ахмети да биде дел од владата се албанскиот да биде втор официјален јазик на целата територија, консензуално одлучување за сите битни политички и општествени прашања, целосна економска еднаквост, решение за спорот за името за брз влез во НАТО и мандат на СЈО до влезот на Македонија во НАТО.
Лидерот на Беса, Билал Kасами, ги соопшти принципите на партијата ако е повикана да биде дел од новата влада.
– Беса ќе се согласи да партиципира во новата влада само ако во неа нема нема политичари што се инкриминирани и осомничени од Специјалното јавно обвинителство. Ќе учествува во преговорите за влада доколку се прифати дискусија за редефинирањето на уставно-правниот систем на државата. Партијата ќе биде дел од преговорите за новата влада само ако договорот за влада биде транспарентен за јавноста и со прецизни рокови – вели Kасами.
Зијадин Села од Алијансата за Албанците на својот фејсбук-профил ги испорача шесте услови под кои би преговарале за влада без оглед дали партнер ќе биде ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.
Алијансата ќе биде дел од идната влада доколку:
– Албанскиот биде официјален јазик во цела Македонија.
Поделба на буџетот со која би се спречила експлоатацијата на Албанците.
Правична и соодветна застапеност на Албанците по вертикала и хоризонтала. Специјалното обвинителство да стане уставна категорија и да се формира специјален суд. СЈО да ја продолжи работата на декриминализација на државните институции, решавање на монтираните политички случаи и корупциските афери.
Ослободување на сите невини затвореници од монтираните судски процеси и компензација на деновите што ги поминале во затвор.
Шефот на државата, премиерот или претседателот на Собранието да биде Албанец.
И додека сите партии на Албанците што освоија пратенички мандати јавно ги испорачаа условите под кои би влегле во преговори за новата влада, само од партијата на Мендух Тачи нема одговор дали би биле дел од извршната власт и под кои услови. Извори од партијата велат дека Тачи вчера имал средба со американскиот амбасадор Џес Бејли, но не се соопштуваат детали од разговорот.
Тачи во изборната кампања ветуваше дека ако ДПА ја добие довербата во владата ќе има еден вицепремиер со право на вето на одлуките на владата, фискална амнестија со која ќе се ослободат граѓаните од комуналните долгови и казните, амнестија за политичките затвореници, албанскиот да биде официјален јазик во целата држава, промена на државните симболи…
Неизвесна заедничката маса на Ахмети со другите лидери
Неизвесно е дали Ахмети ќе ги седне на маса лидерите на Беса, Алијансата за Албанците и ДПА, Билал Kасами, Зијадин Села и Мендух Тачи, за обединети да преговараат за влез во владата со македонскиот партнер. За ова засега позитивен сигнал има само од Алијансата за Албанците.
– Идејата што сега ја нуди ДУИ, всушност, е наша. Во кампањата рековме дека доколку ги добиеме мандатите ќе ги поканиме партиите на Албанците што освоиле пратеници да настапиме како албански блок со една платформа во преговорите за влада – изјави Зулфи Адили од Алијансата за Албанците.
Од Беса се скептични дека Ахмети ќе повика на договор за заедничка платформа и додаваат дека ако добијат таква покана, тогаш ќе одлучуваат.
–Сепак, нашите мандати се за опозиција. Ќе ја почитуваме волјата на народот – велат од Беса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст