Денес на лично барање на градоначалникот на Охрид д-р Никола Бакрачески во Париз во седиштето на УНЕСКО, се остварија средбите кои се од витално значење за Охрид и Охридското Езеро.
Градоначалникот и директорот на МЈП Проаква, Томе Паскалоски, имаа воведна средба со Michteld Rossler, директор на Одделот за наследство и директор на Центарот за светско наследство и нејзините соработници одговорни за западен Балкан. Притоа Градоначалникот потенцираше од колкава важност за Охрид, Република Македонија, Западен Балкан, но и во светски рамки, е рехабилитацијата и надградбата на колекторскиот систем околу езерото. Во текот на разговорот, директорката Rossler беше детално запознаена со резултатите од студијата на ЏАЈКА и во делот на оштетувања на системот и во делот за рехабилитација и надградба на истиот. Претставниците од УНЕСКО активно се вклучија во делот на разгледување на сите аспекти за изнаоѓање на можности и механизми за изнаоѓање на оптимално решение на изложениот приоритет број еден на локалното охридско раководство.
Вториот централен состанок се одржа со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и нејзините најблиски соработници. Првиот човек на УНЕСКО искрено ја искажа нејзината восхитеност од Охрид и Охридското Езеро и нејзиното доживување на истото. Бокова ја изрази нејзината спремност и јасна определба за лично залагање и лобирање кај одредени моќни меѓународни финансиски институции пред се, и Светска Банка, со цел решавање на едно значајно прашање за уште позначаен град.
На средбата беше договорено да средбите продолжат со претставници на УНЕСКО во месец февруари во Охрид.
извор Охрид 24
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.