| четврток, 6 декември 2018 |

Собирале пари за лекување на болната ќерка, па ги потрошиле на скапи часовници и на луксуз

Истрагата утврдила дека родителите добиле помош од 918.000 евра, дека потрошиле 600.000, и повеќето од парите вложиле во луксуз, а не во лечење. Во нивниот стан полицијата пронашла 32 часовници во вредност од 50.000 евра, скапи електронски уреди, а од донациите го плаќале и станот

Родители од Шпанија ја искористиле болеста на својата ќерка и парите што ги собрале за лекување преку хуманитарни акции, ги потрошиле на луксуз.

Фернандо Дрејк Бланко и неговата сопруга Марга Гарау се родители на 11-годишната Наџа Нереа, девојче кое пати од ретка метаболичка болест. Од 2008 година тие редовно праќале повици за помош по цела Шпанија, а на нивната сметка редовно пристигнувале високи парични износи. Но, новинарите ги разоткриле нивните лаги.

Имено, таткото на девојчето тврдел дека Наџа боледува од трихотиодистрофија, болест која предизвикува предвремено стареење на клетките, а дека во Хјустон постои лекар со име Едвард Браун, кој може да ја излечи. Тврдел дека посетиле и исцелител, кој живее во пештера во Авганистан.

Кон крајот на минатиот месец тие отишле во дневниот весник „Ел Мундо“  со слична приказна, а за кратко време на нивната сметка имало 150.000 евра. Меѓутоа, медиумите откриле дека во Америка не постои лекар Едвард Браун, додека во хјустонската болница немале информации за болеста на малата Наџа.

По откритието, полицијата реагирала и родителите биле уапсени. Фернандо е во затвор, а Марга е привремено на слобода. Сметките им се блокирани, а старателството над детето им е одземено. Таткото подоцна признал дека ги преувеличувал работите. Се правдал дека „не може да живее без ќерка си” и тврдел дека најголем дел од приказната е вистина. Мајката тврдела дека „не знае ништо” за тоа како се трошат парите, како и дека не одела на третманите на Наџа. Судот кој го одземал старателството над детето, тврдел дека третманите биле многу болни.

На крајот, истрагата утврдила дека родителите добиле помош од 918.000 евра, дека потрошиле 600.000, и повеќето од парите вложиле во луксуз, а не во лечење. Во нивниот стан полицијата пронашла 32 часовници во вредност од 50.000 евра, скапи електронски уреди, а од донациите го плаќале и станот.

Таткото на девојчето имал криминално досие. Во 2000. година проневерил пари од компанијата во кора работел, поради што бил осуден и во затвор минал повеќе од 4 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top