| четврток, 6 декември 2018 |

Во Брисел гласаа 117 од пријавените 284 гласачи

Сто и седумнаесет македонски државјани, од вкупно 284 пријавени, денеска гласаа во македонската амбасада во Брисел, во рамки на гласањето на дијаспората за предвремените парламентарни избори во Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, она што го одбележа денешното гласање во европската престолнина беше револтот и незадоволство на голем број македонски граѓани на гласачкото место 5003, откако според нив, иако биле уредно пријавени, сепак денеска не успеаја да го остварат своето гласачко право и да гласаат.
Според избирачкиот одбор на гласачкото место во Кралството Белгија, точно 52 лица се вратени, бидејќи не биле на гласачкиот список.
Од избирачкиот одбор на Државната изборна комисија во Брисел, за МИА истакнаа дека вкупно 284 лица беа запишани и имаа право денеска да гласаат во Брисел, од кои над 90 проценти од пријавените гласачи тоа го сториле електронски, преку интернет, па велат дека оние кои денеска ги нема на списокот, најверојатно немале успешно интернет-пријавување.
Инаку, вкупно 20.573 македонски граѓани се запишани за денешното гласање во дијаспората, кои ќе можат тоа право да го остварат во 46 дипломатско-конзуларни претставништва.
Четири политички партии и коалиции имаат свои кандидати во дијаспората, при што за еден да заземе место во македонското Собрание, треба да добие минимум 6.500 гласови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top