| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: На 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните

Претседателот Ѓорге Иванов ги повика граѓаните на 11 декември да излезат, да го остварат своето право на глас и да ја исполнат својата граѓанска должност.

– Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија – нагласи Иванов во денешната изјава.

Сите кои се вклучени во изборниот процес, претседателот Иванов ги повика да покажат достојно ниво на политичка култура и да го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

– Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат во согласност со законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние, кои на каков било начин, ќе се обидат да го попречат, или нарушат изборниот процес – рече Иванов.

Како држава, посочи тој, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес.

– Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија – нагласи претседателот Ѓорге Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top