| четврток, 6 декември 2018 |

Враснатите нокти се сериозен медицински проблем

Причините за враснување на ноктите може да бидат различни, почнувајќи од наједноставно неправилно сечење на нокотот, носење на тесни обувки или високи потпетици, при што се врши притисок на палецот. Исто така, кај спортисти може да се јави поради континуирана траума на стапалото. Меѓутоа, има и случаи во кои генетиката или формата на нокотот е неправилна, односно генетски детерминирана и тоа се малку покомпликувани случаи, вели Абраткиевич

Враснатите нокти се сериозен медицински проблем вели Даниел Абраткиевич, едуктор за методот аркада за враснати нокти во „101 клиника“. Причините може да бидат различни, почнувајќи од наједноставно неправилно сечење на нокотот, носење тесни обувки, високи потпетици, при што се врши притисок на палецот. Тој советува при овој проблем да се посети специјалист и да се одбегнуваат конзервативни методи во решавање на проблемот.

Враснувањето на нокотот најчесто се јавува на палецот на ногата. Се јавува кога кожата на едната или на двете страни од нокотот зараснува преку неговите рабови или, пак, кога нокотот сам по себе враснува во кожата, односно мекото ткиво околу нокотот. Враснатиот нокот е, обично, болна состојба, која може да биде поврзана со инфекција на палецот. Голем процент од враснатите нокти се хронични и имаат тенденција да се повторуваат и да се инфицираат.

Што точно се враснати нокти, како да ги препознаеме?

АБРАТКИЕВИЧ:  Враснатите нокти се сериозен медицински проблем, кој се јавува како резултат на враснување на нокотот во мекото ткиво. Причините може да бидат различни, почнувајќи од наједноставно неправилно сечење на нокотот, носење тесни обувки, високи потпетици, при што се врши притисок на палецот. Исто така, кај спортисти може да се јави поради континуирана траума на стапалото. Меѓутоа, има и случаи во кои генетиката или формата на нокотот е неправилна, односно генетски детерминирана и тоа се малку покомпликувани случаи.

img_5873-custom

Враснатите нокти се сериозен медицински проблем, кој се јавува како резултат на враснување на нокотот во мекото ткиво

Кои се првите знаци дека имаме враснати нокти?

АБРАТКИЕВИЧ:Првите знаци се црвенило околу нокотот. Местото каде што нокотот враснува станува болно, чувствително и црвено. Пациентот чувствува неудобност при нормалните активности, при облекување чевли. Местото е болно при допир. Кога ќе се забележат овие симптоми најдобро е веднаш да се реагира. Иако има начини да се применат некои конзервативни методи за да се помогне, сепак, најдобро е да се јават кај специјалист затоа што често сакајќи да си помогнат, всушност си одмогнуваат.

Каков метод е потребен за да се реши овој проблем кај заболените?

АБРАТКИЕВИЧ: Има најразлични методи, почнувајќи од наједноставните како тампонирање на нокотот, кои кај иницијалните стадиуми овозможуваат олеснување на болката. Има и методи што се во вид на протези за нокотот, кои се изработуваат од жица. Со овој метод се поттикнуваат рабовите на нокотот да не враснуваат во мекото ткиво. Тоа е малку погруб метод. Методот аркада е нов, иновативен метод, чијашто техника на работа е понежна за пациентот. Удобноста при работата и потоа, е, исто така, поголема.

Колку пациенти имаат ваков проблем, повеќе мажите или жените? Ќе може ли да ни направите споредба?

АБРАТКИЕВИЧ: Моето искуство покажува дека и мажите и жените еднакво имаат проблем со враснати нокти. Грешките во сечењето на нокотот може да ги направат и мажите и жените, независно од тоа што жените носат тесни чевли. Јас имам околу илјада пациенти годишно и од тоа искуство може да кажам дека овој проблем е заеднички и за мажите и за жените.

Откако ќе се излекуваат враснатите нокти, како треба да се негуваат во иднина?

АБРАТКИЕВИЧ: Многу е важно веднаш по третманот пациентот да користи серум што ќе помогне за побрза регенерација на нокотот и во процесот на заздравување. Потоа пациентот се едуцира, се препорачуваат превентивни мерки за да не дојде до повторно враснување. Се објаснува како правилно се сечат ноктите, како правилно да се изберат чевли. Кај некои пациенти е нарушено дури и движењето на стапалото, биомеханиката на стапалото.

img_5875-custom

Со враснатите нокти пациентот има континуирана болка, а се плаши да отиде на лекар и да го реши проблемот

Откога ќе се излекува, има ли можност повторно да се појави?

АБРАТКИЕВИЧ: Кај случаите во кои враснатите нокти настанале од лошо и погрешно сечење на нокотот и од несоодветни чевли, доволен е само еден третман. Кога факторот е надворешен, тогаш третманот е еднократен. Меѓутоа, кога причината за враснати нокти е закривеност на нокотот поради генетски причини или кога самата форма на нокотот е неправилна, тогаш има потреба да се повтори третманот за една или за две години, во зависност од израснување на нокотот, па и од дополнителните фактори.

Која е пораката до читателите за навремено да ги решаваат своите проблеми со стапалата?

АБРАТКИЕВИЧ: Обично, на пациентите им препорачуваме да не чекаат да дојде до болка и до црвенило. Со враснатите нокти пациентот има континуирана болка, а се плаши да отиде на лекар и да го реши проблемот. Веднаш по третманот се чувствува олеснување на болката, така што колку порано пристапат кон решавање на болката толку полесен ќе биде и третманот. Третманот трае околу 40 минути и веднаш се чувствува намалување на болката.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

(интервјуто е објавено во 222. број на неделникот Република кој излезе во печат на 2.12.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top