| четврток, 6 декември 2018 |

Кожув го победи Работнички и ќе игра историско финале со МЗТ Скопје

Кожув ќе го игра првото, историско финале во македонската кошарка, по елиминацијата на Работнички, со победа од 78-72. Противник на тимот од Гевгелија во завршната серија ќе им биде шампионот МЗТ Скопје.

И последниот дуел меѓу тимот од Гевгелија и најтрофејниот кошаркарски клуб кај нас, Работнички, беше возбудлив, иако домаќините водеа и со 24 поени разлика. Во последниот период, гостите најавија чудо со серија од 13-0, намалија на само 6 поени негатива, но финишот беше задоцнет, па Кожув ќе игра финале за титулата. Традицијата која вели дека ниту еден тим не се вратил од негатива од 1-3 во победи ја зачува и Кожув, а не успеа да ја урне Работнички.
Почетокот не навестуваше драма во салата „26 април“ во Гевгелија. Кожув направи двојна разлика од 26-13, со која најавија сигурна победа. Кај гостите само Мохамед Абукар беше расположен. Американецот даде 7 поени, а воопшто не функционираше скокот кај Работнички. Кошаркарите на Кожув доминираа под двата обрачи и заслужено заминаа на кус одмор, со 13 поени разлика.
Во вториот период беше поизрамнето. Шарпер со две тројки им даде надеж на гостите дека можат да направат подвиг, но и Кожув не се предаваше. Се разигра Пековиќ, Радуловиќ и Мијајловиќ продолжија да го полнат кошот на Работнички, па на одмор се замина со предност на домашниот тим од 48-31. Кожув ја доби и оваа четвртина со 22-20.
Во продолжението од натпреварот домаќините тргнаа фуриозно. Со серија од 11-2,  направија огромна разлика од 59-35, а тие 24 поени разлика беа највисоки во текот на натпреварот. Работнички возврати со 8-0, предводени од Шарпер кој даде две тројки. Пековиќ и Филиповиќ ја прекинаа низата на скопјани, па пред стартот на последниот период, Кожув имаше огромни плус 20, 67-47.
Се чинеше дека се е готово, но тогаш се случи огромен пад кај домашниот тим. Работнички заигра поцврсто во одбраната, повторно Шарпер погодуваше тројки, се приклучи и Зивчевиќ, па стартот беше брилијантен за гостите, со 13-0. Имаше уште доста да се игра, а кошаркарите на Кожув не успеаа да постигнат кош цели 5 минути. Од 24 поени разлика, предноста се стопи на само 6, но сепак, кошаркарите на Кожув не дозволија комплетен пресврт и славеа со 78-72.
Мијајловиќ со 19 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а Радуловиќ постигна 13 поени. Со по 12 поени мечот го завршија Штерјов и Пековиќ. Кај Работнички, Шарпер  беше извонреден со 20 поени. Бекот од САД играше повреден, но се бореше како лав. Погоди 5  тројки од 10 обиди и заслужи висока оценка за учинокот. Абукар уфрли 16 поени, Зивчевиќ даде 13 и тоа беше триото што се обиде да направи пресврт.  Финалната серија за титулата почнува в недела во Скопје од 19 часот, а актуелниот првак МЗТ е домаќин во првиот натпревар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top