Kако е можно да се протне идејата за двојазичност, со други зборови бинационалност во држава како Македонија, во која освен албанската етничка заедница има и други исто така големи етнички заедници, како Турци, Роми, Срби, Бошњаци?- анализира Дневник.
Оваа дилема ја отвори професорот Ѓулен Емин преку писмо испратено до „Дневник“ пред неколку дена изразувајќи револт кон идејата за двојазичност на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во чиј концепт целосно се игнорирани останатите малцинства. Притоа Заев избегнува да објасни како би го реализирал овој концепт доколку дојде на власт.
– Зачудува леснотијата со која лидерот на СДСМ кажува дека Охридскиот рамковен договор бил само рамка и дека требало да се оди надвор од таа рамка. Да, Охридскиот рамковен договор беше рамка, само додека се преговараше и договараше, но, со усвојувањето на амандманите од 9 до 18, тие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија. Преку рамката нема каде да се оди бидејќи веќе не постои рамка, туку прашање е дали ќе се оди преку Уставот? Одговорот на лидерот на СДСМ е дека нема да се менува Уставот на РМ, туку дека воведувањето на двојазичноста е добра за да може секој со секого да се разбере! И, повторно, лидерот на СДСМ заборава дека во Република Македонија живеат и „другите“, кои многу добро се разбираат со секого употребувајќи го мајчиниот јазик или јазикот на друга заедница во секојдневната комуникација или македонскиот јазик, кој е во службена употреба на целата територија на Република Македонија – пишува професорот во писмото.
По писмото, се огласија и другите етнички групи. Според претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, двојазичноста за која зборува Заев практично ќе значи дека земјава и официјално ќе биде бинационална држава, пренесува Дневник. Тоа, според него, е невозможно да се изведе по мирен пат.
– Тоа што Зоран Заев, лидерот на СДСМ, зборува за двојазичноста, воопшто не е едноставна работа. Според него, фактички граѓаните би требало да живеат во бинационална држава. Kако тој мисли да им објасни на луѓето од Струмица или од Велес дека треба да учат албански јазик и да го употребуваат. Промена во однос на употребата на официјалниот јазик во Македонија, македонскиот јазик, според Уставот, невозможно е да се направи со вметнување уште еден јазик, без притоа да не се чепка Уставот. А ако дојде до менување на Уставот, секако тоа нема да биде мирен процес. Ние како Срби немаме зошто да се чувствуваме дискриминирани во однос на тоа што еден лидер на партија посакува – вели лидерот на оваа политичка партија.
На речиси иста линија се и од Демократската партија на Ромите во Македонија. Тие се убедени дека ниту Ромите како многубројна заедница во земјава, а ни останатите, нема да дозволат двојазичноста, која практички го подразбира албанскиот како втор официјален јазик во земјата, да профункционира.
– Зошто да живееме во бинационална држава кога и ние имаме речиси идентична бројност како Албанците, но никогаш не сме го кренале гласот, напротив. Сите сме дел и живееме во една држава. Сигурен сум дека ниту една од останатите помали етнички заедници нема да дозволи да се воведува двојазичност на ниво на целата територија оти тоа е привилегија само на Албанците, а тие не се единствено малцинство – вели Садетин Шабаноски од Демократската партија на Ромите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Прилепчани излегоа на улиците на протест против двојазичноста (фото)
-
Неверојатни 1,7 милиони евра народни пари ќе не чини законот за јазици
-
Повеќејазични патни ознаки утринава се поставуваат пред сите поважни институции
-
Што предвидува донесениот Закон за употреба на јазици? Двојазични униформи, уплатници и бандероли…