Владимир Пешевски, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заедно со кандидатите за пратеници во изборна единица 6, Љубен Арнаудов и Сашо Василески и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска се сретна со триесетина бизнисмени од Охрид.
На средбата Пешевски истакна дека досега Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, направи исклучителни резултати кога е во прашање создавање на добра бизнис клима во земјата.
-Креирани се над 160.000 нови работни места, во најголем дел во домашните компании. Во исто време домашните компании во овие десет години реализираа инвестиции од околу 15 милијарди евра, што се 3/4 од вкупните инвестиции за овој период, што докажува дека бизнис климата е добра како за домашните, така и за странските стопанственици.
Тој се осврна и на дел од проектите кои се планираат во наредниот период.
-Ќе продолжиме со одличните даночни политики, поволни за развој на бизнисот, ќе го стимулираме вработувањето, при што во наредните 4 години очекуваме над 70.000 нови работни места, дополни Пешевски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде, постојано го поддржува бизнис секторот, а тоа ќе го направиме и понатаму со обезбедување на нови 101 милиони евра за субвенционирани кредити на домашните компании.
Особено интересен за бизнисмените и за развој на руралните поддрачја, Пешевски го оцени Проектот за рурални зони.
-Овој проект нуди услови за инвестирање како што не се нудат ниту во ТИРЗ. Компаниите ќе добијат поддршка во форма на грантови за вработување на лица, директна финанскиска поддршка за производствени капацитети, даночни ослободувања, понош за изградба на инфраструктура, како и обука на вработените, нагласи Пешевски и додаде: Не сум тука да Ви кажам за кого да гласате, Вие сте луѓе кои добро препознаваат кој работи за доброто и на компаниите и за граѓаните и за државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.