| четврток, 6 декември 2018 |

Затворање на македонското прашање по мера на соседите

 

Nikola-Srbov-150.jpg

Колумнист: Никола Србов

Република Македонија влезе во завршницата од кризата, која трае две години и во која се поткопаа темелите на државата. Република Македонија се нема соочено со вакво искушение уште од нејзиното конституирање како држава со АСНОМ на 2 август 1944 година. Доведено е во прашање нашето постоење и како народ и како држава. Во Втората светска војна војувавме сплотени против странски окупатори, се боревме за тоа што е наше и за тоа што сакаме да го создадеме во иднина. Кога се осамостојувавме во 1991 година, ние Македонците на референдум се боревме против надворешни негатори. Во 2001 година, ние Македонците војувавме против сили што нè нападнаа од надвор. Денес за првпат се случува да бидеме директно нападнати однатре, ни се поткопува унитарноста од една македонска политичка партија, која ја предводи Македонец. Овој Македонец, покрај распродавањето на државата, сака да се сврти брат на брат со камата што секогаш сме ја чувале за непријателите на нашата земја.

Ова што го нудат Зоран Заев и СДСМ е, всушност, затворање на македонското прашање по мера на нашите соседи, а тоа подразбира непостоење македонска држава на Балканскиот Полуостров. Многумина сметаат дека со создавањето на македонската држава било затворено и македонското прашање, но сè додека се оспорува постоењето на државата, сè додека државата е под континуиран притисок од соседите, сè додека не се исполните целосно нашите цели, македонското прашање не е затворено, тоа е сè уште отворено и живо, тоа потајно живее во сите нас, во нашата колективна меморија, во стремежот на нашите предци и во помислата на нашите потомци.

И покрај тоа што Македонците денеска градат добри односи со сите соседи, тие треба секогаш да се будни и внимателни кога некој сака да чепне во нашето прашање. Ние соработуваме и ќе соработуваме, но ниту една добра економска мерка или бизнис-зделка со некој од нашите соседи нема да го скроти нивниот стремеж кон тоа што не е нивно, а е наше. Историјата ни кажува дека стремежот од соседите сѐ уште е жив, историјата нè предупредува дека треба да сме будни и подготвени. Во Грција сѐ уште вирее сонот за „Мегали идејата“, во Бугарија сѐ уште вирее сонот за „Санстефанска Бугарија“, во Србија сѐ уште вирее сонот за „Јужна Бановина“, во Албанија и во Косово вирее сонот за „Голема Албанија“. Сите овие соништа предвидуваат исчезнување на Македонија и на Македонците. Во проекциите на балканските држави за воспоставувањето на државните граници на Балканот нема место за држава Македонија, а уште помалку за народ што ќе се нарекува македонски.

Денеска, како резултат од војната во 2001 година, Република Македонија е мултиетничка држава, со Рамковниот договор, кој беше спроведен во Уставот на Република Македонија, беа изедначени сите етнички заедници што живеат во државата, изедначени по својот државотворен карактер, во граѓанска смисла и претходно сите беа еднакви во оваа држава. Во денешната проекција на СДСМ за редефинирање на државата ги наоѓаме само Македонците и Албанците, Заев не го чувме да каже во Струмица, покрај македонскиот и албанскиот, да се воведат и влашкиот, српскиот, ромскиот, турскиот и други јазици. Со тоа Заев се стреми Македонија да прерасне во биетничка држава, на тој начин мултиетничноста и Рамковниот договор можеме да го гледаме само како етапа пред целосното исполнување на сонот за „Голема Албанија“, и сето тоа врз грбот на Македонците, но и врз грбот на Турците, Власите, Србите и на Ромите.

Старата идеја за „Швајцарија на Балканите“ претставува конгломерат од разни народи што живеат во посебни кантони, во балкански околности – гетоизирани. Страта идеја предвидувала во Македонија да живеат Срби, Бугари, Грци, Албанци и сите овие народи во својот кантон да го имаат својот мајчин јазик како официјален јазик, за Македонци немало место. Денеска Зоран Заев, сакајќи да ја спроведе идејата „Швајцарија на Балканите“, свесно удира во идентитетот на Македонците и во името на државата Република Македонија. Во една кантонизирана држава, не е можно името на државата да се поистоветува со името (идентитетот) на еден од народите што живеат во неа, а во случајот тоа се Македонците што го влечат идентитетот од името на државата, и државата го влече името од Македонците, затоа тие две се неразделни нешта, едното без другото не може да опстои.

Во походот да го затвори македонското прашање по мера на соседните држави, Зоран Заев или ќе го менува името на државата, или нас ќе нè обезличи преку тоа од каде го влечеме својот идентитет – од македонскиот јазик. Сепак, треба да сме среќни што ова големо искушение доаѓа во времето на нашата генерација, генерација што е освестена, информирана, образована, осознаена и горда на тоа што е, горда на тоа што биле нејзините предци и на тоа што ќе бидат нејзините потом­ци, едноставно, Македонци.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top