Изборот на Доналд Трамп може да ги промени самите правила на игра во автомобилската индустрија, коментира Серџо Маркионе за „Блумберг“. Главниот извршен директор на групата „ФИАТ – Крајслер“ најмногу „главоболки“ има од расположението на идниот американски претседател против слободната трговија.
Уште за време на кампањата Трамп се закани дека ќе воведе 35 проценти царина за сите компании што го извезуваат своето производство од САД кон други земји. Тоа влијае во најголем степен на големата американска автомобилска тројка – „ГМ“, „Форд“ и „Крајслер“, кои имаат вкупно 10 фабрики во соседно Мексико. Вкупните инвестициите во автомобилскиот сектор во Мексико надминуваат 24 милијарди долари во последните пет години.
Ако Трамп го исполни ветувањето да го преиспита северноамериканскиот трговски договор (NAFTA), тоа ќе е „огромен проблем“, коментира Маркионе. „ФЦА“ се потпира на северноамериканскиот пазар поради солидните приходи. 17 проценти од автомобилите на компанијата се произведуваат во Мексико.
Парадоксално, изборот на Трамп доведе до поскапување на акциите на некои автомобилски компании, вклучувајќи и на „ФИАТ – Крајслер“. Причината е во одлуката на новоизбраниот претседател да назначи утврден скептик кон глобалното затоплување за шеф на еколошкиот тим. Берзите го протолкуваа ова како вовед кон олабавување на еколошките стандарди за автомобилите што ќе биде од корист најмногу на оние компании кои уште се потпираат главно на конвенционалните мотори. Акциите на „ФИАТ“ поскапеа за 14 проценти од изборите, па наваму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.