| четврток, 6 декември 2018 |

Политичките лидери ќе потпишат декларација за спречување семејно насилство

Во организација на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, денеска политичките лидери ќе потпишат декларација за спречување и за заштита од различни форми на насилство врз жените и семејно насилство.

Со потпишувањето на декларацијата, Националната мрежа ја почнува кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и семејното насилство“.

Со декларацијата, лидерите на политичките партии во Македонија се обврзуваат на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство – Истанбулската Конвенциија.

Целта на Конвенцијата е воспоставување нулта толеранција за различните облици на насилство на кои се изложени жените. Секоја од државите потписнички презема обврска да ги спроведе сите мерки за превенција на различните форми на насилство, заштита и поддршка на жените што преживеале насилство и гонење и казнување на насилниците.

Република Македонија е потписник на Конвенцијата од јули 2011 година и оттогаш Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство спроведува активности за лобирање во насока на нејзина ратификација и спроведување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top