Околу 1.500 имигранти започнаа во четвртокот безредија во најновиот камп за нивно прифаќање во Бугарија во периодот кога јакнат тензиите во прифатните центри ширум Балканот, соопштија бугарските власти.
Бегалците палеле автомобилски гуми и фрлале камења врз околу 250 полицајци, пожарникари и припадници на специјалните сили за одржување на редот во прифатниот центар Харманли, близу границата со Турција, изјави портпаролката на бугарската полиција Нина Николова.
Според неа безредијата започнале поради „неодамнешната забрана имигрантите да ја напуштаат територијата на центарот за нивно прифаќање“. „Ситуацијата во моментов е под контрола и се водат преговори меѓу имигрантите кои протестираат и државната агенција за бегалци“, додаде попладнето Николова.
Во споменатиот центар се сместени 3.000 имигранти, а во октомври веќе се одржа еден протест кога неколку стотини Авганистанци бараа да им се дозволи да го продолжат своето патешествие кон западна Европа.
Бугарија релативно лесно мина со минатогодишната бегалска криза, и постави ограда од жица на турската граница. И покрај тоа, околу 13.000 имигранти, повеќето Авганистанци, во моментов се сместени во најсиромашната земја членка на Европската унија.
Иако таканаречената Балканска рута е затворена од март годинава, имигрантите во помал број и натаму пристигнуваат во регионот. Тензиите растат, особено во Грција, каде што има десетици илјади бегалци, а неодамна грчки неонацистички групи нападнаа мигрантски камп на источниот брег на островот Хиос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.